Skip to main content

Минчев: Да ја чуваме со гордост. Да ја градиме со љубов и одговорност. И да оставиме зад себе држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да го градат својот сон

– Има датуми што ги паметиме. Има датуми што ги славиме. Но има и датуми што ги носиме во срцето. 8 Септември е токму таков датум! – се вели во честитката од министерот за јавна администрација, Горан Минчев, по повод 8 Септември, што МИА ја објавува интегрално.


Пред 35 години, македонскиот народ одлучи сам да ја гради својата иднина. Со своја независна држава, со свои одлуки и со верба дека можеме сами да го одредуваме својот пат.


Оттогаш до денес, многу генерации сонуваа, работеа, се бореа и создаваа. Некои ги поставија темелите, некои ја чуваа државата, а наша обврска е да ја направиме подобро место за оние што доаѓаат по нас.


Затоа, независноста е одговорност. Одговорност кон земјата. Кон граѓаните. Кон оние што веруваа во Македонија и кога беше најтешко. И кон децата и младите кои допрва ќе ја пишуваат нејзината иднина.


Да ја чуваме со гордост. Да ја градиме со љубов и одговорност. И да оставиме зад себе држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да го градат својот сон.


Затоа што Македонија е нашиот дом. Нашето име и идентитет. Нашата култура. Нашата приказна. Нашата иднина.


Честит 8 Септември – 35 години независна Македонија!
Да ни е вечна Македонија!

Поврзани вести