
Оптимизам за текот на истрагата за поставените експлозивни механизми пред домовите на тројца припадници на Нова демократија во Солун, во кои животот го загуби 72-годишна жена, изрази портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, говорејќи за телевизијата Антена, јави дописничката на МИА од Атина.
Димоглиду, објасни дека истрагата, што ја води Одделот за борба против тероризмот, „напредува значително и тивко“, според првичните индиции, најмалку три лица се вмешани, а во трите напади биле користени исти експлозивни механизми.
Мислам дека во наредните часови, а не денови, ќе имаме повеќе информации, но сметам дека за краток временски период ќе ги имаме целосно расчистено сите три случаи, рече Димоглиду, порачувајќи дека „сите лица кои се вмешани во овие дејствија ќе бидат изведени пред правдата“.
Во однос на натписите и информациите во медиумите дека сторителите се анархисти, кои во изминатите години биле активни во окупација на простории што им припаѓаат на универзитетите во Солун, а сега веќе се исчистени, портпаролката на грчката полиција коментираше дека „очигледно на некои им пречи оваа слика“, додавајќи дека „сè уште е рано да кажеме кои се овие луѓе“.
Во трите експлозии во Солун пред домовите на тројца членови на владејачката Нова демократија што се случија вчера наутро во период од помалку од 20 минути, повредени беа пет лица, а 72-годишната Ваја Нестора, мајката на партиската кандидатка Афродите Нестора, кој со тешки поведи и 80 отсто изгореници на телото, беше хоспитализиран, почина вчера попладне.
Останатите четворица повредени се во стабилна состојба.
Експлозиите во Солун што одземаа еден човечки живот ги осудија сите политички партии во Грција, а од владејачката Нова демократија, чии членови беа мета на нападите, за вечерва закажаа собир пред солунската болница во која се хоспитализирани повредените под слоганот „Не се плашиме од вас“, за да ѝ оддадат почит на загинатата и како што соопштија, да ги обединат нивните гласови против тероризмот.

Македонски


