Skip to main content

Нов масовен протест во Албанија: Студентите повторно излегуваат на улиците, бараат оставка од Еди Рама

Во Албанија денеска се очекува нов голем антивладин протест, откако студентите и граѓаните веќе 19 дена протестираат против владата на премиерот Еди Рама, барајќи негова оставка.

Демонстрациите, кои започнаа како студентско движење со барања за подобри услови во образованието, намалување на трошоците за студирање и поголема државна поддршка, прераснаа во пошироко незадоволство од власта.

Протестите се проширија и надвор од Тирана, а демонстрантите сè почесто ги истакнуваат обвинувањата за корупција, недостиг од работни места и лошите перспективи за младите во земјата.

Судири со полицијата, запалени објекти и повредени демонстранти

Претходните протести беа проследени со сериозни инциденти и судири со полицијата. Демонстрантите фрлаа камења и пиротехнички средства кон полициските кордони, а беа запалени и оштетени владини објекти, банки и деловни простории.

Полицијата употреби солзавец, водени топови и гумени куршуми за растерување на демонстрантите. Дел од учесниците беа повредени.

Рама не се повлекува, нуди дијалог

Премиерот Еди Рама ги отфрли барањата за оставка, повикувајќи ги студентите на разговори. Тој постави столчиња пред зградата на владата како симболична покана за дијалог, но демонстрантите го одбија ваквиот пристап и останаа на барањето тој да замине од функцијата.

Владата најави и економски мерки, меѓу кои поевтино гориво и поголема поддршка за посиромашните семејства. Рама, исто така, најави казни од 500.000 леки за учество на протести на кои ќе има насилство, дури и за лицата кои лично не извршиле насилни дејства.

И опозицијата ја засили конфронтацијата со власта

Политичката криза се префрли и во парламентот. Пратениците на опозициската Демократска партија на 29 октомври ја прекинаа парламентарната седница со активирање сини сигнални ракети и блокирање на говорницата.

Лидерот на опозицијата Сали Бериша ја обвини власта за брутално постапување кон демонстрантите, посочувајќи ги повредените млади луѓе во судирите со полицијата.

Додека опозицијата ја користи кризата за засилување на притисокот врз владата, студентското движење инсистира на оставка на Рама.

Денешниот протест може дополнително да ја заостри политичката ситуација во Албанија. Засега нема најави дека премиерот има намера да се повлече, ниту дека демонстрантите се подготвени да се откажат од своето барање.

Поврзани вести