Skip to main content

Побарал 100 илјади евра мито: Обвинителен акт против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој се товари за кривично дело „примање поткуп“.

Како што соопшти Јавното обвинителство, по спроведената истражна постапка е утврдено дека обвинетиот, во својство на службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.

Според обвинението, тој вршел притисок да не биде одобрен увоз на вештачко ѓубриво за правно лице кое се занимавало со производство и увоз на таков вид стока, иако компанијата и претходно повеќепати увезувала вештачко ѓубриво. Притоа, влијаел врз фитосанитарен инспектор на граничен премин да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на границата.

Од Обвинителството посочуваат дека на 13 март годинава во Свети Николе обвинетиот директно побарал поткуп од 100.000 евра за одобрување на конкретниот увоз и за идни увози на вештачко ѓубриво, при што побарал парите да му бидат исплатени во три рати.

На 19 март, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата во износ од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.

Со обвинителниот акт, јавниот обвинител доставил и посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, поради постоење на околностите поради кои таа претходно била определена. 

Поврзани вести