
Во рамки на програмата „Македонски филм. На големо платно“ публиката ќе има можност да проследи бесплатна кино проекција на БЛОК КРАТКИ ФИЛМОВИ.
29 јуни | 19:00 часот Cineplexx Влезот е бесплатен.
БЛОК КРАТКИ ФИЛМОВИ:
МАТЕРИЈАЛ ЗА АУДИЦИЈА – ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ
Сопственичка на стан бара од својот потстанар, трубач, навидум едноставна услуга – да превезе млада жена и нејзината мала ќерка до градот. Но, тој останува длабоко потресен кога дознава дека жената има намера да ја остави својата ќерка во дом за деца без родители. Подоцна, за време на аудиција, обземен од настаните од тој ден, тој ги преточува своите емоции во музиката што ја свири, откривајќи ја својата внатрешна болка и човечност низ секоја нота.
АМБИ – МАРИЈА АПЧЕВСКА
АМБИ е емотивна семејна драма што ја следи приказната на брат и сестра кои се грижат за својот татко, заробен во алкохолизмот. Кога еден болен момент го доведува синот до работ на очај и насилство, токму љубовта, блискоста и малите секојдневни радости му помагаат да ја надмине темнината. Филмот на суптилен и човечен начин зборува за семејните рани, простувањето и силата на човечноста.
НАЛЕПНИЦА – ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ
„Налепница“ на Георги М. Унковски е црна комедија за Дејан, самохран татко кој по неуспешен обид да ја продолжи регистрацијата на својот автомобил се наоѓа заробен во лавиринтот на бирократијата. Во обид да ги надмине апсурдните административни пречки, тој се соочува со низа предизвици што ја ставаат на тест неговата истрајност, достоинство и посветеност кон своето семејство.
БЕЗ ЉУБОВ – ДИНА ДУМА
Ана и Марија се две другарки, многу блиски уште од кога биле деца. Сега се веќе големи девојки и Ана се мажи. Пред свадбата се договараат да одат заедно да се дружат додека се сè уште „слободни“.
Тие си поминуваат многу убави моменти, присетувајќи се на детството, пијат, пливаат во езерото и разговараат. Во еден момент почнуваат да се бакнуваат. Ана станува и влегува во куќата. Марија е заљубена во Ана. Таа мисли дека не треба да се мажи и дека не го сака мажот. Но, Ана мисли поинаку. Следното утро станува и се спрема за свадбата, како ништо да не се случило.
Дојдете и уживајте во македонскиот филм на големо платно.

Македонски



