Skip to main content

Три пофалби од Будрис: Македонија е на вистинскиот пат, Литванија ќе продолжи силно да го поддржува нејзиниот пат кон ЕУ

Министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, упати силни пораки за поддршка на Македонија и нејзините евроинтеграции, истакнувајќи дека Литванија ќе остане цврст сојузник на земјата на патот кон членство во Европската Унија.

Тој најави дека од 1 јануари, кога Литванија ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија, политиката на проширување ќе биде меѓу главните приоритети.

„Верувам во силна Европска Унија како силен геостратешки актер. За Европа да биде посилна, мора да биде поголема и да им даде можност на земјите кои предолго чекаат да станат дел од европското семејство. Македонија спроведува реформи и тој напредок е препознаен. Државата е на вистинскиот пат, а Литванија ќе продолжи силно да го поддржува вашиот европски пат. Ја имате нашата целосна поддршка и помош во овој процес“, изјави Будрис.

Литванскиот министер оцени дека Македонија и Литванија имаат заедничка стратешка визија за силна, обединета и безбедна Европа, додавајќи дека процесот на проширување треба да остане заснован на заслуги и реално постигнатите резултати на земјите кандидати.

Според него, напредокот треба да се оценува врз основа на извештаите на Европската комисија, а Македонија добива позитивни оценки.

„Напредокот треба да го мериме врз основа на извештаите на Европската комисија. Од она што го читам во последниот извештај, Македонија е на вистинскиот пат и затоа заслужува наша континуирана поддршка“, порача Будрис.

Неговите изјави претставуваат уште една потврда за поддршката што Македонија ја добива од земјите членки на Европската Унија за продолжување на евроинтегративниот процес, како и за вреднување на реформите што ги спроведува земјата.