Skip to main content

Индустриското производство во септември со раст од 2,4 проценти

Индустриското производство во септември 2026 година бележи зголемување од 2,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Растот се должи пред сè на зголеменото производство во преработувачката индустрија, каде што е регистриран пораст од 4,2 проценти. Наспроти тоа, во секторот Рударство и вадење камен е забележано намалување на производството од 7,7 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од 11,4 проценти.

Зголемувањето во преработувачката индустрија, според ДЗС, е резултат, пред сè, на повисокото производство на пијалаци, текстил, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и пластични маси, други неметални минерални производи, метали, фабрикувани метални производи, како и моторни возила, приколки и полуприколки.

Најголем придонес за порастот на индустриското производство во септември има зголемувањето кај производството на други неметални минерални производи од 64,4 проценти, производството на пијалаци од 21,3 процент и производството на моторни возила, приколки и полуприколки од пет проценти.

Според главните индустриски групи, пораст е регистриран кај интермедијарните производи, освен енергија, од 16,9 проценти и капиталните производи од 1,3 проценти.

Намалување има кај енергијата од 20,3 проценти, трајните производи за широка потрошувачка од 8,3 проценти и нетрајните производи за широка потрошувачка од 4,5 проценти.

Индустриското производство во периодот јануари – септември 2026 година, во споредба со истиот период лани, забележа раст од 0,8 отсто.

Поврзани вести