
Македонската книжевност добива прва компаративна студија од ваков вид за сонетот. Научната монографија „Сонетот во светската и во македонската книжевност“ од Елена Пренџова ќе биде промовирана утре во 12 часот, во Друштвото на писателите на Македонија. Промотори на делото се Зоран Анчевски и Ефтим Клетников.
Во студијата Пренџова го проследува историско-еволутивниот развој на сонетот низ различните книжевни епохи, од неговото појавување во XIII век до почетокот на XXI век. Тој пат го проучува низ три национални книжевни традиции: италијанската, англиската и македонската. Монографијата е, всушност, аналитички историографски преглед на сите аспекти на сонетот: формата, структурата, метриката, темите и мотивите.
Анчевски посебно го истакнува истражувањето за присуството на сонетот во словенските книжевни традиции, со посебен осврт кон македонската, и го оценува како дело од големо значење.
Авторката Елена Пренџова (1985) е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнала со звањето дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност. На истиот факултет магистрирала и се стекнала со звањето магистер по филолошки науки.
Авторка е на 11 поетски збирки, од кои дел се наградени со национални поетски награди: „Јован Котески“ (2018), „Даница Ручигај“ (2015), „Ацо Караманов“ (2014), „Македонска книжевна авангарда“ (2012) и „Бели мугри“ (2011). Од 2012 година го соорганизира националниот слем-натпревар.
Како стипендистка на програмите „и-Портунус“, „Традуки“, Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД, „Културата ја движи Европа“, како и „Про Хелветија“ и Куќата за преведувач(к)и „Лоорен“, остварила писателски и преводни резиденции во Албанија (2015), Естонија (2019), Словенија (2019), Србија (2021), Италија (2025) и Швајцарија (2026).

Македонски

