
Три децении по својот прв концерт, „Фолтин“ ја најавува најобемната јубилејна програма во својата историја. Под наслов „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“, текот на 2026 година ќе бидат реализирани повеќе концертни, издавачки и мултимедијални активности што го одбележуваат патувањето на еден од најавтентичните музички состави на овие простори.
Денеска, пејачот Бранислав Николов, гитаристот Пеце Трајковски-Брада, кларинетистот Пеце Николовски, басистот Гоце Јованоски и тапанарот Славчо Јовев го промовираа двојниот винил албум насловен „Фолтин во живо“ (Foltin Live), кој е достапен и на новата веб страница foltin.mk.
„Албумот го снимаме во студио и е правен комплетно со аудиофилска опрема и нема никакви компресии, нема никакви пеглања на звукот, за да биде максимално доловена онаа ‘лајв’ атмосфера. Кога ќе ја слушаме плочата, максимално да може да нè воведе во тоа да личи дека е свирено во живо. Користевме старинска лента од 1980-тите и плочата можеби се слуша тивко, не грми сè од сите страни“, рекоа од бендот.
Ова издание тие симболично го нарекуваат и своја звучна монографија.
Со голем јубилеен концерт на Хераклеа во август 2026 ќе биде централниот настан, по што ќе следуваат концерти во Скопје и во повеќе градови во регионот. Со концертот на Хераклеа „Фолтин“ ќе ја има честа да го затвори Битфест 2026.

Македонски



