
Протокол за соработка со кој започнува реализацијата на проектот за уредување и ревитализација на Лапидариумот во комплексот на НУ Завод и Музеј – Битола, потпишаа Халкбанк АД Скопје, НУ Завод и Музеј – Битола и Военото аташе при Амбасадата на Република Турција во земјава.
На настанот кој се одржа вчера во Лапидариумит, Протоколот го потпишаа Фатих Шахбаз, Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, Ондер Арикан, Капетан и Воено аташе при Амбасадата на Република Турција во Македонија и Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и Музеј – Битола, а беше претставено и идејното решение за негово уредување и ревитализација.
Пред присутните беше откриен рендерот на идниот изглед на просторот, кој ќе добие нова функционалност и современ амбиент, задржувајќи ја својата историска и културна вредност.
„Како банка која повеќе од 15 години е дел од македонското општество, веруваме дека вистинските инвестиции не се мерат само во бројки, туку и во вредноста што ја оставаме зад себе. Поддршката на овој проект е инвестиција во културното наследство, во зачувувањето на значајни историски места и во создавање простор што ќе им служи на идните генерации. Горди сме што преку ова партнерство придонесуваме кон унапредување на едно место кое има особено значење и за Битола и за пријателството меѓу двете земји“, изјави Фатих Шахбаз, Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Проектот предвидува целосно уредување на Лапидариумот како современ, достапен и репрезентативен простор за посетителите на музејот, но и како локација што ќе може да биде домаќин на културни, образовни и јавни настани.
„НУ Завод и Музеј – Битола е институција која се грижи за едно исклучително богато културно и историско наследство. Уредувањето на Лапидариумот претставува значаен чекор во нашите заложби за подобра презентација и заштита на ова наследство, но и за негово приближување до современата публика. Благодарни сме за поддршката и партнерството што ќе овозможат овој простор да добие нов живот и нова вредност за граѓаните и посетителите на Битола“, изјави Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и Музеј – Битола.
Гостите ја посетија спомен-собата посветена на Мустафа Кемал Ататурк, сместена во зградата на поранешниот Воен лицеј во Битола, каде што тој се школувал во периодот од 1896 до 1899 година. Овој објект претставува едно од најзначајните места што сведочат за историските врски меѓу Битола и Турција.
Настанот беше организиран под мотото „Минатото заслужува иднина“, кое симболично ја отсликува идејата зад проектот – зачувување на историското наследство и негово претворање во жив простор што ќе биде достапен и значаен за идните генерации, стои во соопштението.

Македонски



