Skip to main content

Некои градови имаат фестивали. Овој фестивал има свој град: Јубилејно издание на „Битола Отворен Град“

Со денешната прес-конференција официјално беше отворено јубилејното 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“, еден од најзначајните урбани културни фестивали во земјата, кој од 24 до 27 јуни повторно ќе ги претвори улиците, локалите, плоштадите и алтернативните простори во сцени за музика, уметност и идеи.

Годинашното издание започнува со изложбата на минијатури „Ела поблиску“ на Тони Соколов Солза и традиционалната „Вечер со пријателите на Битола Отворен Град“, на која ќе настапат Пијан Славеј и Добрила Грашеска.

Директорот на МКЦ Битола, Сашо Додовски, истакна дека четврт век постоење претставува значајна културна вредност за градот и институцијата. „Кога ќе кажете 25 години, не зборувате само за фестивал. Зборувате за генерации. За луѓе кои првпат застанале на сцена токму овде. За публика која пораснала со фестивалот.

За МКЦ Битола, Битола Отворен Град е една од најубавите приказни што успеала да опстои четврт век без да ја изгуби својата младост. Денес сме горди што фестивалот сè уште е место за нови идеи, нова музика и нови луѓе, а истовремено останува дел од културната меморија на градот“, рече Додовски.

Фестивалската програма продолжува во четврток со DJ работилница со Herzel, работилницата „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација“ и Sunset Chillout Zone со DJ Boca. A и концертот на словенечкиот бенд LELEE во Старата битолска чаршија. Истата вечер, под насловот „Triple DJ Attack“, на три различни локации ќе настапат Tendts b2b Unickue од Грција, Danilo Kas од Србија и Herzel од Македонија.

За главниот музички настан во петок зборуваше Александар Тодоровски.

Петочната вечер ќе биде срцето на фестивалот. На Широк Сокак ќе се сретнат три различни музички енергии, битолските Eruption, легендарните Суперхикс кои годинава слават 30 години постоење и ова е симболично нивниот 300-ти концерт и српските Osmi Dan, бенд кој низ моќен рок спектакл им оддава почит на Linkin Park, Metallica, Prodigy, U2, Ramones, Rammstein и многу други. Сакавме концерт што ќе биде достоен за 25-годишниот јубилеј и вечер што ќе ја обедини публиката која растела со овој фестивал“, истакна Тодоровски.

Во петок ќе се одржи и јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“ во соработка со Свесност – Центар за психотерапија. За концептот на целокупната програма зборуваше Ирена Туфекчиева, која нагласи дека фестивалот останува отворена платформа за различни генерации и културни изрази.

Годинашното издание на Битола Отворен Град е обид повторно да ја претвориме Битола во отворена сцена. Во само четири фестивалски денови ќе се случуваат концерти, изложби, јавни дискусии, работилници, DJ сетови и средби на повеќе локации низ градот. Од словенечките LELEE, преку регионалната електронска сцена од Грција, Србија и Македонија, до Суперхикс, Osmi Dan, Eruption и младите бендови на скејт паркот, програмата ги поврзува различните генерации и различните културни јазици.

Веруваме дека токму таа разновидност е најголемата вредност на фестивалот и причината поради која Битола Отворен Град опстојува веќе 25 години.“

Фестивалот ќе заврши во сабота со Берза на винили и настап на DJ Chiko во кафе бар Јагода, како и со големиот концерт на Paranoid, The Pot и Sinful Glare на Скејт Паркот на битолското шеталиште. Четврт век подоцна, Битола Отворен Град останува верен на својата основна идеја, културата да не биде затворена во институции, туку да живее меѓу луѓето, на улица, во маало, во парк и во секој агол на градот. Некои градови имаат фестивали. Овој фестивал има свој град. фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

Поврзани вести