Skip to main content

Две години Влада

Деновиве се навршуваат точно две години од формирањето на актуелната македонска Влада предводена од Христијан Мицкоски. Две години по нејзиното формирање е доволен период за да се направи пресек на нејзиното работење и да се направи обид да се одговори на суштинските прашања, дали државата се движи во правилна насока и дали се реализираат ветените политики.

Ако одговорот го даваме на прва, гледано низ призмата на започнатите политики, инвестициите и новиот пристап кон управувањето, тогаш слободно може да кажеме дека Македонија влегува во период во кој развојот повторно станува главна тема. Развојот веќе не е само фикција заробена во очекувањето на исчекор во македонскиот евроинтегративен пат.

Може да кажеме дека Македонија се движи по два паралелни колосека кои се компатибилни и се надополнуваат меѓусебно. Едниот е развојот на државата, а вториот е политичката и економска интеграција во ЕУ. Токму тука лежи суштинската разлика во однос на претходната власт на СДСМ, власт која ги заглави и стопираше сите развојни процеси чекајќи го имагинарниот почеток на преговорите со ЕУ.

Пред две години, кога актуелната влада ја презеде одговорноста, беше време на сериозни предизвици и високи очекувања на граѓаните. Тоа беше време на недовршени инфраструктурни проекти и наталожени обврски во повеќе сектори. Време на руинирано здравство, експериментално образование и неизвесност во енергетиката. Ова се само дел од примерите кои создаваа чувство дека институциите предолго работеле без јасен развоен правец.

Од тие причини, наместо политика на оправдувања, новата владина структура постави поинаков принцип на функционирање. Проблемите повеќе не се игнорираат туку да се именуваат, а потоа се решаваат со проекти, рокови и мерливи резултати.

Две години не се доволни за да се поправи сè што со години било запоставено. Не се доволни за да се направат темелни промени на она на кое што граѓаните му дадоа негативни оценки од владеењето на претходната власт. Но, се сосема доволни да се воспостави нов курс. И токму тоа е најважниот белег на првите две години од Владата на Мицкоски, односно враќањето на идејата дека државата мора да планира долгорочно, да гради, да инвестира и да создава услови младите да ја гледаат својата иднина дома.

Еден од клучните приоритети е привлекувањето инвестиции кои што ќе бидат реални и нема да бидат само статистика. Тоа се инвестиции кои што ќе отвораат работни места, овозможуваат извоз и креираат нови знаења. Според јавно достапните информации, во Технолошко-индустриските развојни зони се најавени и започнати 17 инвестиции со вредност од околу 650 милиони евра. Нивниот потенцијал се проценува на нови 5.000 работни места кои што ќе се отворат. Според релевантни проценки, тие би можеле да придонесат и за значително зголемување на извозот.

Досегашниот пристап на оваа влада во текот на првите две години беше карактеризиран со тоа дека наместо државата да биде само администратор на економските проблеми, таа треба да биде партнер на компаниите, општините и работниците. Инвестициите во производствени капацитети, технологии и извозно ориентирани фирми создаваат посигурна економска основа од краткорочните мерки што само привремено ја смируваат состојбата. Тоа е важна промена во пристапот, сосема различна од претходно.

Особено значајно е што владината политика не се сведува само на големите компании и оние кои доаѓаат од странство. Во фокусот се и домашните претпријатија, малите и средните бизниси, земјоделците и локалните заедници. Развојот нема смисла ако остане концентриран во неколку градови или во неколку индустриски зони. Затоа, вкупниот успех на оваа Влада на крајот од денот ќе се мери и според тоа дали младиот човек од помала општина ќе има причина да остане, да отвори бизнис и да најде достоинствено работно место во својот регион или пак ќе мора да мигрира во поголемите градски центри или во странство.

Ниту една сериозна економија не може да напредува доколку државата има лоши патишта, бавни железници и слаба регионална поврзаност. Затоа инфраструктурата е меѓу највидливите приоритети на Владата на Мицкоски.

Во овие две години бевме сведоци на интензивна изградба на патишта кои претходно беа заглавени во административни, технички и коруптивни лавиринти. За наредниот период Владата и Министерството за транспорт најавуваат инвестиции од околу пет милијарди евра во патна и железничка инфраструктура, со фокус на големите коридори, граничните премини и подобрување на поврзаноста на државата со регионот. Овие бројки сами по себе нема да бидат доволни доколку проектите не се реализираат квалитетно, транспарентно и во реални рокови. Затоа е значајно што во овие две години инфраструктурата повторно е поставена како стратешки приоритет.

За истакнување е фактот што посебно место и беше дадено на железницата. Продолжува работата на проектите поврзани со железничката инфраструктура, а во тек се подготовки за брза пруга на Коридорот 10. Ова се долгорочни проекти кои имаат исклучително значење и кои ги надминуваат дневнополитичките интереси на партиите кои што се борат за власт. Тоа се проекти од интерес на државата и граѓаните. Проекти кои што со нивната реализација ќе не внесат во европската мрежа на поврзаност, но и обратно, со нивното запоставување ќе останеме чир на Балканот кој ќе биде заобиколуван од сите страни.

Железницата не е само транспортно прашање. Таа е услов за поевтин превоз на стоки, подобра поврзаност на градовите, помал сообраќаен метеж и посовремена економија. Држава што сака да биде регионален логистички центар мора да има функционални железнички линии, модерни терминали и сигурни патишта. Затоа, фокусот што оваа влада го става на железничката инфраструктура во текот на своите први две години од мандатот е од децениски интерес за државата.

Енергетиката е уште една област во која Владата поставува долгорочна амбиција. Последните години покажаа дека државите кои зависат од увоз на енергија се изложени на сериозни ризици. Затоа, инвестициите во домашно производство, преносна мрежа, гасна инфраструктура и обновливи извори не се луксуз, туку потреба.

Владата работеше и најави дополнително зајакнување на електропреносните и гасните врски, вклучително и гасен интерконектор со Грција и проект за поврзување со Србија. Во исто време, се отвораат разговори за поголеми енергетски проекти и регионална соработка, со цел Македонија да не биде само потрошувач, туку и активен учесник во регионалниот енергетски пазар. Мицкоски во текот на оваа година постојано зборува дека со развојот на вештачката интелигенција ќе се наметне потреба од дополнително производство на електрична енергија која што ќе се побарува на светскиот пазар. Ако Македонија навреме ги започне подготовките за пресретнување на ваквите енергетски потреби и со многу мал процент да учествува во производството на струја за потребите на Европа, тоа ќе биде доволно дури и за логаритамска прогресија на македонската економија.

Визијата и знаењето се тука, останува реализацијата!

Ќе го споменеме уште образованието како илустрација на промислените политики кои ги води оваа Влада. Ниту еден развоен план нема вистинска вредност ако не ги вклучува младите. Владата го постави образованието меѓу приоритетите, со најавени повеќе од 160 проекти во училишта, студентски домови и друга образовна инфраструктура. Според изнесените податоци, во период од околу година и пол биле инвестирани повеќе од 65 милиони евра во образованието.

Образованието не е само реновирана фасада или нова спортска сала, иако и тоа е важно. Секако дека тоа значи подобри услови за учење, современи наставни програми, дигитални вештини, поддршка за талентирани ученици и поголема врска меѓу училиштата, универзитетите и пазарот на труд.

Вистинскиот предизвик за следниот период е овие инвестиции да се претворат во поквалитетно знаење. Учениците немаат потреба само подобри училници, туку од подобра едукација која ќе им овозможи да бидат образовани, креативни и конкурентни на пазарот на труд кој добива се понови и поразлични облици.

Владата на Мицкоски има обврска да продолжи со истото темпо, но и да биде уште поотворена кон јавноста. Секој голем проект треба да има јасен рок, достапни информации и одговорност за резултатите. Довербата не се гради со пароли, туку со завршени патишта, функционални училишта, навремени исплати, нови работни места и институции што работат за граѓаните.

Следните години треба да бидат години на конкретна реализација. Завршување на започнатите инфраструктурни проекти, засилување на енергетската независност, поддршка на домашната економија, подобрување на образованието и рамномерен регионален развој. Ако овие цели се реализираат со дисциплина и отчетност, Владата ќе ги оправда очекувањата и довербата кои беа вложени во неа пред две години.

На крајот, може да констатираме дека во текот на овие две години од функционирањето на Владата на Мицкоски е испратена порака дека државата може да се води со план, со работа и со амбиција. Патот е долг, а очекувањата се големи. Довербата е тука и истата треба да послужи како погонска сила за реализација на зацртаните планови и проекти.

Поврзани вести