
Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека го спречил претседателот Петр Павел да учествува на самитот на НАТО на 7 и 8 јули во Анкара, бидејќи, како што вели, „целиот самит ќе се врти“ околу американскиот претседател Доналд Трамп, кого Павел во повеќе наврати остро го критикувал.
Тој многу остро го критикуваше Трамп. Рече дека е одвратно суштество и дека изборите во САД покажале колку е кревка демократијата. Изјави дека му нанел повеќе штета на НАТО отколку Путин. Неговиот стил го спореди со ценкање на ориентален пазар и рече дека не би му подал рака – изјави Бабиш во интервју за чешкиот таблоид „Блеск“.
Бабиш, кој претходно важеше за силен поддржувач на Трамп и на неговиот прагматичен пристап во политиката, во последно време се дистанцира од американскиот претседател поради, како што оценува, проблемите што тие политики ѝ ги создаваат на Европа.
На почетокот на неделава тој дури изјави дека Трамп треба да ѝ се извини на италијанската премиерка Џорџа Мелони затоа што тврдел дека таа инсистирала да се фотографира со него на неодамнешниот самит на Г-7.
Сепак, како што се приближува самитот во Анкара, Бабиш повторно почна да нагласува дека со Трамп се сретнал пет пати и дека за време на неформалната вечера на првиот ден од самитот може лично да му објасни зошто Чешка е една од само трите членки на НАТО што сè уште не го исполнуваат одамна преземениот ангажман за издвојување најмалку два процента од бруто-домашниот производ за одбраната.
Не го разбирам тоа, кога сите знаеме дека самитот на НАТО ќе се врти околу Трамп, кој неодамна беше на самитот Г-7 – рече Бабиш, објаснувајќи зошто Владата не го прифатила ниту компромисниот предлог на Павел двајцата заедно да присуствуваат на самитот, како што претходно заеднички учествувале на самитите на Европската Унија.
Чешкиот премиер нагласи дека и неформалната вечера е важен дел од состанокот, бидејќи слушнал дека Германија наводно подготвува предлог според кој Украина би добивала 70 милијарди евра годишно од ЕУ.
Бабиш инсистира дека не треба да се зборува за финансирање на војната, туку за мир, додавајќи дека би било смешно на вечерата да присуствуваат и шефот на државата и шефот на Владата.
Ќе ни се смееше целиот свет ако бевме таму заедно, како да се држиме за раце или нешто слично – изјави тој.
Претседателот Павел во понеделникот побара од Уставниот суд да утврди кој има право да одлучува за учеството на шефот на државата на самитите, како и да ѝ наложи на Владата да не поставува административни или други пречки при извршувањето на неговите уставни надлежности.
Тој побара и привремена мерка со која Уставниот суд би одредил токму тој да ја предводи чешката делегација на самитот на НАТО, бидејќи Владата до последен момент ја одложувала одлуката дали во Анкара ќе патува премиерот или претседателот.
Спорот околу тоа кој треба да ја претставува Чешка на самитите на НАТО започна уште зимоска, кога министерот за надворешни работи Петр Мацинка, лидер на партијата „Мотористи“, блиска до движењето МАГА, наводно му испраќал заканувачки пораки на советник на претседателот поради несогласувања околу именувањето на контроверзниот инфлуенсер Филип Турек за министер.

Македонски



