
Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа денеска го претстави напредокот во реализацијата на клучни проекти од областа на животната средина, пред членовите на мониторинг мисијата на WBIF (Инвестициската рамка за Западен Балкан).
Во секторот води, министерот ја истакнал изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје, како најголем еколошки инфраструктурен проект во државата, поддржан од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и WBIF.
Тој посочил и на успешно завршените станици во повеќе градови, тековните градежни активности во Битола и Тетово, како и подготовката на нови проекти.

Во делот на управување со отпад, како што информираат од МЖСПП, министерот го нагласил напредокот во воспоставување на регионален систем, поддржан од EBRD, WBIF и IPA фондовите, кој ќе овозможи современ третман на отпад, зголемено рециклирање и компостирање, намалување на депонирањето и зајакната меѓуопштинска соработка.
Паралелно, како што се наведува во соопштението, се работи на зајакнување на институционалните капацитети за реализација на проектите како и на редовна координација со сите партнери. Хоџа истакнал дека Министерството останува целосно посветено на навремена и успешна реализација на проектите, во интерес на сите граѓани.

Македонски



