Skip to main content

Руте ја поддржува политиката на САД кон Иран и ги повика сојузниците да ги зголемат издвојувањата за одбраната

Принтскрин

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека ја поддржува политиката на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп кон Иран, оценувајќи дека американските акции биле неопходни за безбедноста на сојузниците и спречување на Техеран да развива нуклеарно оружје.

Претседателот го прави точно тоа што е потребно, намалувајќи ги нуклеарните капацитети на Иран“, рече Руте во интервју за Фокс њуз и предупреди дека поседувањето нуклеарно оружје од страна на Иран би било „разорно за регионот и за целиот свет“.

Коментарите на Руте следат откако Трамп повторно ги критикуваше сојузниците на НАТО поради, како што смета, недоволната поддршка на САД и покрај големите американски издвојувања за Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО рече дека „целосно го разбира“ разочарувањето на Трамп, но нагласи дека европските сојузници обезбедиле значителна поддршка за американските операции поврзани со Иран.

Според него, стотици американски авиони користеле бази во Европа, а некои членки на НАТО обезбедиле логистичка поддршка и помош во заштитата на пловидбата низ Ормуската теснина.

Руте изјави дека европските сојузници распоредуваат средства во близина на теснецот, меѓу другото, за да помогнат во операциите за расчистување на мини и да ги заштитат поморските рути.

Тој нагласи дека „целосно ја поддржува“ стратегијата на Трамп кон Иран и оцени дека американскиот претседател придонел за зајакнување на НАТО, поттикнувајќи ги членките да ги зголемат издвојувањата за одбраната и да ги прошират воено-индустриските капацитети.

МИА

Поврзани вести