Skip to main content

Премиера на „Патот на Баба Јага“ по текст на Хана Корнети во Театар за деца и младинци

Театарот за деца и младинци во Скопје ја најави својата нова премиера, „Патот на Баба Јага“, што ќе се одржи на 24 јуни во 19 часот. Режијата е на Хана Миленковска, авторка е Хана Корнети и со музика од Ади Имери.

Миленковска, Корнети и Имери исто така заедно ги пишуваат текстовите за песните во претставата.

Играат: Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни , со кореографија од Бобан Русески, костимографија од Иван Ивановиќ и сценографија од Кирил Василев.

За дваесет и четири часа, принцот Ефтим ќе стане крал. Но, спротивно од желбите на своите родители, Ефтим не сака да биде крал, туку сака да биде поет! Наместо да им каже на роделите, бескрајно ѝ кука на сестра му, Евгенија, и наместо да се соочи со стравот, наоѓа магија – или можеби клетва – и не сакајќи се претвора во кукавица. За среќа, има една единствена жена – пардон, вештерка – која може да му помогне на Ефтим да се врати во човечка форма, а тоа е Баба Јага. Тука почнува патешествие каде потргата кон човечкото се претвара во потрага по себе, желбата за својот успех се претвора во желбата за успехот на заедницата, а линија помеѓу човекот и природата се открива дека е само илузија.

Низ оваа духовита, стрмоглава авантура според македонски авторски текст, раскажана не само низ ликови туку и низ комплексни, развиени карактери, со автентични режисерски решенија кои оставаат простор за емоционалната тежина да дојде до израз, жанровски збогатена со оригинални песни кои се инстант-хитови, танц кој го доградува изразот на секој актер, учиме сите, и големи и мали, дека додека живееме во овој убав но и страшен свет, мора да сме свои, бидејќи „светот е цел кога ти си цел во него“. А како учиме? Па токму тоа е патот на Баба Јага – дојдете заедно да зачекориме по него, велат од ТДМ.

Поврзани вести