
„Религијата не треба да биде средство за конфронтација, туку ресурс за дијалог, помирување и градење на заедничка иднина“, истакна државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова на отворањето на Четвртата Светска конференција за религиски дијалог и соработка, посветена на темата „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“, која од 22-26 јуни се одржува во Скопје.
Поздравувајќи ги учесниците од земјата и странство, претставниците на академската заедница, верските заедници и институциите, државниот секретар Ѓоргова истакна дека конференцијата се одржува во период на сериозни глобални предизвици, обележани со вооружени конфликти, мигрантски кризи, растечка нетолеранција и сѐ почести обиди за злоупотреба на духовните вредности за политички и идеолошки цели.
Во своето обраќање таа нагласи дека историјата покажува оти религијата, кога е инструментализирана од политички и економски интереси, може да биде искористена за создавање страв, поделби и страдања, но дека нејзината суштинска улога е да ги промовира човечноста, достоинството, мирот и заедничкото добро.
„Историјата не учи дека религијата, кога е инструментализирана од политички и економски интереси, може да стане средство за создавање страв, поделби и страдања. Но, нејзината суштина е повик кон човечноста, достоинството, мирот и заедничкото добро“, истакна Ѓоргова.
Таа оцени дека различностите не треба да се доживуваат како пречка, туку како вредност што придонесува за создавање поправедни, поинклузивни и помирољубиви општества, посочувајќи дека Република Македонија има драгоцено искуство во негувањето на соживотот, заснован врз почитување, дијалог и доверба меѓу различните заедници.
Ѓоргова ја потврди посветеноста на Министерството за култура и туризам за поддршка на иницијативите што го унапредуваат интеркултурализмот, научната соработка и општествената кохезија, а ја поздрави и иницијативата за усвојување и промоција на Декларацијата 2026 како значајна порака за мир, разбирање и меѓусебно почитување.

Македонски



