Skip to main content

Регионален настан во Лозово за едукација и вмрежување на занаетчиите и граѓанските здруженија

Фото: Национална агенција за европски образовни програми и мобилност

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ), Општина Лозово и Здружението на жени од Лозово денеска во Лозово организираа регионален настан како работна платформа за едукација и вмрежување на занаетчиите и граѓанските здруженија од целиот регион. Како што соопшти НАЕОПМ, настанот, организиран во  соработка со здруженијата на жени од Велес, Свети Николе и Градско, на уникатен начин ги спои занаетчиството и европската образовна агенда. 

На регионалниот базар учествувале голем број изложувачи од Лозово, Велес, Свети Николе и Градско, со поддршка и присуство на гости од Штип. Посетителите имале можност да ги разгледаат богатите штандови на кои беа претставени рачно изработени везови, традиционални ракотворби и богата понуда на автентична локална гастрономија.

-Овие изработки беа вистински приказ на мајсторството што се негува во нашите средини. Настанот беше поделен на два сегменти: интензивен работен дел и регионален базар. Во рамките на работниот дел, претставници на Националната агенција одржаа сесија за градење капацитети, каде занаетчиите и претставничките на женските здруженија се стекнаа со конкретно методолошко знаење за тоа како нивните автентични вештини може да бидат интегрирани во проекти финансирани од Еразмус+. Примери на добра практика дадоа ДСУ „Искра“ од Штип и здружението „Тера Фитон Анимал“, покажувајќи како теоријата се претвора во успешни проекти кои го унапредуваат локалниот развој, се наведува во соопштението на НАЕОПМ. 

Градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски, ја истакнал важноста на оваа синергија, нагласувајќи дека „овој настан е работна платформа преку која локалните вредни раце и занаетчии се вклучуваат во европските образовни текови“.

-Заедно со локалните партнери и соработниците од регионот, Лозово докажува дека прераснува во стратешки центар каде традицијата се надоградува со современи европски стандарди, посочил Цветковски. 

Директорката на Националната агенција европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, во своето обраќање истакнала дека европските ресурси треба да станат достапни алатки за секого – од ученикот до искусниот занаетчија.

-Таа ги охрабри присутните здруженија да продолжат со меѓусебната соработка, истакнувајќи дека токму ваквите регионални мрежи се клучен предуслов за успешна реализација на проекти во рамките на Еразмус+ програмата. Националната агенција останува посветена на пренос на знаење и поддршка на локалните капацитети за активно учество во европските образовни иницијативи, соопшти НАЕОПМ.

Според Марија Моневска, претседателка на Здружението на жени од Лозово, целта на овој базар е жените од Овчеполскиот Регион да го покажат своето култутно богатство, да ги демонстрираат производите што нивните мајки, баби, прабаби ги правеле, од кулинарските вештини до занаетчиските производи. 

Настанот завршил со пригодна културно-уметничка програма, која, како што наведува НАЕОПМ беше одлична пригода за директно вмрежување, споделување искуства и планирање идни заеднички активности помеѓу здруженијата од Лозово, Велес, Свети Николе, Градско и Штип.

Поврзани вести