
Зборувајќи за историјата на Организацијата Mицкоски вечерва посочи дека таа ја црпела својата сила и моќ од македонскиот народ и се осврна на фазите во историјата на ВМРО – од основањето во 1893 до 1905 кога е подемот и единството на Организацијата и таа во своите редови ги обединила македонските револуционери, преку периодот на внатрешни поделби и непријателства по Првата светска војна и меѓусебни физички ликвидации, обвинувања, идеолошки пресметки и братоубиства во 1920-тите години, до илегалните групи и организации по Втората светска војна кои, рече, се повикувале на идеалите на старата Гоцеделчева ВМРО, „јасно декларирајќи дека ќе се борат Македонија да се отцепи од Југославенската Федерација и да се конституира во независна држава во срцето на Балканот“. Како што рече, во доцните 1980-ти години, пред самиот распад на тогашната Југословенска Федерација, службата за државна безбедност УДБА имала зачувано околу 14.500 политички досиеја, најголем дел на членови на вмровските групи, со напомена дека постојат јасни индиции дека голем дел од досиеја се скриени или целосно уништени.

-Во 2017, 2018 и на почетокот на 2019 година, ВМРО-ДПМНЕ беше под жесток политички прогон. Во тоа време имаше и отворени предлози од челници на СДСМ за укинување на името на ВМРО и тоа со закон. Замислете во 21 век. Но, еве, осум години подоцна, историјата е добра учителка, треба само да се постави прашањето каде се тие, каде е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски и додаде дека ВМРО- ДПМНЕ не е партија без корен – таа има славна, но и тешка историја.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија.
-ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство., име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот политички македонски бренд. создаден од историја. Од борба. Од болка, Од жртва. Од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае, истакна Мицкоски на одбележувањето на роденденот на партијата во Струмица.


Македонски



