
Драги пријатели,
ги слушам оние празни муабети на луѓето од опозициската СДС кои ја уништија својата идеологија, како се првоповикани да коментираат за името на нашата партија и за историскиот континуитет на историското ВМРО и за идеологијата која ја имаме. И никогаш не сум сакал да држам историски лекции, или да навлегувам во историски теми, но вечерва сакам да кажам збор два и за неколку историски факти за да им биде јасно. При тоа и секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесен за историскиот габарит кој го носи ова име, истакна во својот говор Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседател на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 36 години од основањето на ВМРО ДПМНЕ.
Повеќе од три и пол децении од појавата на партијата на македонската политичка сцена е доволна временска дистанца да се направи анализа на историјатот на ВМРО- ДПМНЕ, да се оцени нејзината политичка активност, да се потсети на нејзиниот политички пат. Историјата е сведок на подемите и падовите, политичките победи и порази, светлите страници и трагичните моменти. Таква е нашата македонска историја. Но, историјата е местото каде се наоѓаат и корените и идеологијата на нашата партија. Зародишот на денешната современа политичка партија ВМРО ДПМНЕ е назад во времето од крајот на 19 век кога група на македонски интелектуалци го подготвувала создавањето на македонска организација што во срцето на моќната Отоманската империја си поставила за цел создавање на автономна Македонија. Таа организација, со јасна политичка цел, иако неколкупати го менувала своето име во нејзините официјални документи, во меморијата на обесправениот македонски народ останала запаметена под нејзиното најчесто користено име- Внатрешна Македонска Револуционерна Организација (ВМРО)- име што денеска по 133 години е вградено со светли букви и во името на нашата политичка партија ВМРО- ДПМНЕ. Континуитетот на кој се повикуваме и го поврзуваме со историската ВМРО не е некаков апстрактен поим или нешто имагинарно, туку суштински став, решение и идеологија длабоко вградена во програмските документи на ВМРО- ДПМНЕ, прифатена и верификувана од сите раководства на партијата во нејзината 36 година историја, а искрено примена од огромното членство и симпатизерите на партијата. Нашата партија го прифати и континуитетот на сите општи конгреси на историската ВМРО уште од 1893 година, низ годините на единство, но и длабоки поделби во Организацијата по Рилскиот конгрес во 1905 година, продолжувајќи низ годините по Балканските војни, Првата светска војна, меѓувоениот период- се до 1934 година. Заедно со светлите мигови и успесите на Организацијата, го прифативме и тешкото бреме на нејзината историја, поделбите, непријателствата, дури и трагичните братоубиства што сериозно се заканувале трајно и засекогаш да ја уништат ВМРО и да ја избришат од историската сцена. Историските факти покажале дека ВМРО поминала низ бурни премрежија, успеала да создаде широка организациска мрежа на целата територија на Македонија, го организирала Илинденското востание во 1903 година, а по 1905 година поминувала низ тешка внатрешна криза. И секогаш кога сакале да ја уништат, ВМРО како чувар на Македонија и производ на својот народ се враќала посилна. Во овој период од околу 4 децении ВМРО поминала низ три фази на своето револуционерно дејствување и постоење. Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија. Освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други националности кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава. Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршувањето на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата. И покрај поделбата на две теченија, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.
Третата фаза на дејствувањето на ВМРО е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година. Крајот на Првата светска војна и разочарувањето на македонскиот народ од решенијата во Версај, повторно ја воскреснале идејата за создавање на автономна или независна Македонија, а од пепелта на разорните борбени дејствија на македонско тло- комитите и војводите, старите илинденци, но и новите генерации на револуционери повторно го развеале црвено- црното знаме на ВМРО. Под тоа знаме, и за тоа знаме гинеле многу комити и војводи. На сцената на револуционерната организација останале двајца најзначајни ликови, двајца авторитети меѓу кои се водела борбата за раководство: Ѓорче Петров, еден од идеолозите на илинденската генерација, со голем авторитет кај македонската емиграција во Бугарија и Тодор Александров, припадник на новата генерација македонски револуционери, член на Скопскиот револуционерен округ на ВМРО. По трагичниот крај на Ѓорче Петров, водството на ВМРО било превземено од помладата генерација револуционери во македонското револуционерно движење. Тодор Александров станал централната фигура на Организацијата, револуционер кој со својата прагматичност успеал во ВМРО да ги собере македонските револуционери од сите идејни теченија: десничари, левичари, комунисти, националреволуционери, анархисти и во таков состав, со обновување на комитската дејност во сите делови на Македонија- да ја предводи Организацијата до неговото убиство во 1924 година. Во тие 5 години по војната Александров успеал да ја издигне ВМРО во најмоќна македонска организација која со дејствувањето на комитските чети на територијата на етногеографска Македонија го држела отворено и актуелно решавањето на македонското прашање. ВМРО станала страв и трепет за регионалните балкански влади. Организацијата ја црпела својата сила и моќ од македонскиот народ, а нејзината идеологија била автентична- македонска и доаѓала од програмските документи на раководството на ВМРО. Александров секогаш ја користел приликата да истакне дека ВМРО го има континуитетот на илинденската ВМРО на Делчев, Груев, Тошев, а потврда за тоа била неговата поддршка и соработката со Илинденската организација која во своите редови ги имала ветераните и старите борци на Организацијата од Илинденското востание. До 6 мај 1924 година, ВМРО го достигнала зенитот на својата моќ. Организацијата со Мајскиот манифест декларирала дека ги прекинува извршувањата на сите смртни казни по различни дела, обзнанила обединување на сите идеолошки теченија, струи и фракции во рамките на ВМРО и повикувала под нејзиното знаме да се обединат сите Македонци во борбата за создавање на независна македонска држава.
Но, наместо толку посакуваното единство во корист на македонска кауза, вмешувањето на одредени бугарски воено- политички фактори и претставници на комунистички организации предизвикало нова внатрешна криза во ВМРО која достигнала врв со убиството на Тодор Александров на 31 август 1924 година. Настапило тешко време, започнале меѓусебни физички ликвидации, обвинувања, идеолошки пресметки кои од корен го промениле дејствувањето на ВМРО. Идејата за независна Македонија станала второстепена, а поважно станало кој, каде, со кого и против кого ќе биде во внатрешните вооружени фракционерски борби. За жал стотици членови на ВМРО загинале во македонските братоубиства, голем дел од нив и без да знаат за кого и за што го положуваат својот живот. Трагично и тешко време и за ВМРО и за Македонија, од кое денес треба да извлечеме длабоки поуки и мудрост. Се случило некогаш и веќе никогаш да не се повтори- рече Мицкоски.

Понатаму во својот говор тој нагласи дека после трагичните настани во ВМРО од крајот на 20тите години до 1934 година, многумина политички и воени фактори на Балканот и Европа помислиле дека македонската организација е готова, дека е завршено со неа и дека таа станала далечно минато.
Но, годините по Втората светска војна кога се исцртувале новите светски геополитички граници покажале дека идеологијата на ВМРО и историското сеќавање за Организацијата има многу длабоки корени на тлото на Македонија. Семето посеано на 23 октомври 1893 година не било уништено од плевелот што растел околу него. Вмровската идеологија повторно воскреснала во намачената душа на македонскиот народ. Низ целата територија на федерална Македонија секојдневно се создавале групи и поголеми организации кои дејствувале илегално, повикувајќи се на идеалите на старата Гоцеделчева ВМРО, јасно декларирајќи дека ќе се борат Македонија да се отцепи од Југославија и да се конституира во независна држава. Бројот на тие вмровски групи и организации од ден на ден се зголемувал и опфаќал најголем дел од средношколската и студентската младина, а голем дел и од македонските интелектуалци, посебно докторите, професорите и учителите создавале организации и групи кои во своето име ги содржеле најсветите македонски букви: В.М.Р.О. Стравувајќи од опасноста дека може да се изгуби контролата врз политичките прилики во Македонија, републичката и сојузната УДБА уште во доцните 40ти години, па се до средината на 70тите години спровеле темелни истраги за откривање и апсење на вмровските групи, со цел за нивно целосно елиминирање. За да се види огромната раширеност на вмровските организации во тој период, говори и податокот од МВР според кој во периодот од 1945 до 1985 година, во Македонија биле откриени 105 илегални организации и групи со над 1200 членови. Според овие податоци, во наведениот период под обвинение дека се членови на вмровски групи биле уапсени и околу 7300 средношколци, а во затворот Идризово биле затворени околу 2500 затвореници, најголем дел од нив осудени и затворени под обвинение дека се членови на организации и групи со името ВМРО. Во доцните 80ти години на минатиот век, пред самиот распад на Југославија, службата за државна безбедност УДБА имала зачувано околу 14 500 политички досиеја, најголем дел на членови на вмровските групи, со напомена дека постојат јасни индиции дека голем дел од досиеја се скриени или целосно уништени.
Сакам да споменам и една друга работа, во 2017та, 18та и на почетокот на 19та година, ВМРО-ДПМНЕ беше под жесток политички прогон. Во тоа време имаше и отворени предлози од челници на СДСМ за укинување на името на ВМРО и тоа со закон. Замислете тоа во 21 век. Еве 8 години подоцна, историјата е добра учителка, треба само да се постави прашањето каде се тие, каде е ВМРО-ДПМНЕ сега.
Почитувани, овие историски околности претходеа на основањето на нашата политичка партија ВМРО- ДПМНЕ. Историјатот на ВМРО, подемите и славата, падовите и неуспесите, кризите и новите патишта, издигнувањето и новите победи и успеси- тоа е тешкиот и трнлив пат кон 17 јуни 1990 година. ВМРО- ДПМНЕ не е партија без корен, таа има славна, но и тешка историја. И самиот чин на основањето на партијата како да беше повторување на тешката вмровска историја, но патот до 17 јуни од Голгота се претвори во Воскреснување на светиот идеал на историската ВМРО! Остатоците од старите безбедносни служби на комунизмот не успеаја да се испречат пред решеноста за формирање на нашата политичка партија ВМРО- ДПМНЕ. Иако партијата уште во првите години на своето политичко постоење беше под силен удар на удбашките структури, таа во борбата излезе како победник! Ако старата УДБА се служеше со уцени и закани, со притисоци и обиди за поткуп и компромитација на партијата, ВМРО- ДПМНЕ својата сила ја црпеше од патриотски ориентираното членство и идеологијата на историската ВМРО. Затоа, континуитетот со историската ВМРО не е некоја обична флоскула и клише, туку трајно вградена вредност во темелите на нашата партија ВМРО- ДПМНЕ. Партијата тоа го докажа во 36те години на нејзиното постоење на политичката сцена во Република Македонија, а македонскиот народ го препозна идеалот на историската ВМРО, токму во политичката програма на ВМРО- ДПМНЕ. Нераскинливата врска на нашата партија со историското ВМРО ќе остане и аманет за следните генерации и членството и симпатизерите на ВМРО- ДПМНЕ- рече Мицкоски.

Македонски





















































