Skip to main content

Месец на Петар Мазев во Белград

Најголемата концертна и филмска сала во центарот на Белград, МТС Двораната, својот галериски простор, од 12 јуни до 12 јули, го отстапи за десет ретко или никогаш не изложувани дела од Петар Мазев, создавани во периодот од 1977 до 1992 година. Под наслов „Сага за творечките немири“, стотици љубители на делото на Мазев, пристигаа на свеченото отворање на изложбата во „МТС Дворана“ (поранешен Дом на синдикатите), која таа вечер, со помош на големи светлечки табли беше целосно осветлена во знакот на делото на големиот македонски уметник Петар Мазев.

Иницијатори и организатори на овој голем ликовен и културен настан беа директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров и колекционерот и директор на „МТС Дворана“ Игор Станковиќ. На свеченото отворање Игор Станковиќ, меѓудругото, рече дека:  За жал, Петар Мазев прерано нè напушти, но остави голем легат на територија на цела Југославија. Ќе видите дека покрај каталогот на Петар Мазев поставен е каталог на Петар Лубарда, двајца еднакво големи автори од Југославија. Цел месец ќе биде изложен овој единствен авторски израз. Секоја слика е своја приказна – рече Станковиќ.

За Васко Шутаров, Петар Мазев, белградски студент на Факултетот за ликовни уметности и подоцна, исклучително ценет ликовен уметник кој често изложувал во најпрестижните ликовни простори во Белград е еден од клучните мостови на поврзување помеѓу македонската и српската култура, помеѓу српската и македонската ликовна уметност-мост на кој треба живо да се сеќаваме и да му се навраќаме и преку организирање на изложби од ваков формат. 

„Големите уметници не припаѓаат само на своето време. Тие продолжуваат да живеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации и да нè потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето. Петар Мазев е токму таков уметник. Вечерва оддаваме почит на еден од творците на современата македонска уметност, на автор чие име одамна стана дел од културната меморија на Македонија“, рече Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам. 

На отворањето присуствуваа државниот секретар во Министерството за култура на Србија, Миомир Ѓорѓевиќ, нашиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски, стотина љубители на творештвото на Мазев, негови познаници, ликовни уметници, Македонци што живеат во Србија.

Поврзани вести