
Општина Карпош изразува сериозна загриженост за зачестените случаи на вандализам и оштетување на урбаната опрема и детските игралиштата на цела територија на општината.
„Во изминатиов период е евидентирано оштетување на клупи, корпи за ситен отпад, паркинг држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити и останата урбана опрема. Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвара потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, овде станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста по сите граѓани на јавниот простор“, велат од Општина Карпош.
Од таму посочуваат дека сите досега евидентирани случаи биле пријавени до Полициска станица Карпош, од каде, како што велат, добиле известување за поголемо присуство на полициските служби на терен како и расчистување на овие случаи.
Апелираме до сите граѓани за совесно и одговорно однесување кон урбаната опрема и јавниот простор како наш заеднички имот и навремено пријавување на секој случај на вандализам до надлежните служби. Апелираме и до родителите за поголема информираност за движењето и однесувањето на нивните деца, како и разговори за значењето од зачувувањето на јавниот простор и последиците од несоодветното однесување. Да го чуваме заедничкиот простор затоа што јавниот имот е одговорност на сите нас“, порачаа од Општината.
Синоќа скопјанец, жител на Карпош, сподели видео-објава на која се гледа како малолетници се однесуваат недолично и на насилен начин рушат кандилабра во еден од парковите.

Македонски



