
Војската на САД синоќа соопшти дека нападнала танкер во Оманскиот Залив кој наводно се обидувал да транспортира иранска нафта.
Врз машинскиот дел на бродот „Settebello“, кој пловел под знамето на Палау, било пукано откако екипажот ги игнорирал инструкциите, напиша на Х американската команда ЦЕНТКОМ, која е одговорна за регионот.
Британската организација за поморски трговски операции (УКМТО) претходно соопшти дека избувнал пожар во машинскиот дел на танкер во близина на брегот на Оман. Се наведува дека екипажот бил евакуиран. Според првичните извештаи, има две исчезнати лица и една жртва. ДПА нагласува дека не е јасно дали под жртва се мисли на загинато или на повредено лице.
Индиското Министерство за надворешни работи во соопштение наведе дека тројца индиски членови на екипажот од „Settebello“ се водат како исчезнати. Преостанатите 21 се спасени. Се додава дека во тек е операција за потрага по исчезнатите морнари во соработка со властите во Оман.
Министерството го осуди нападот: „Нападите врз комерцијалниот бродски сообраќај и цивилната инфраструктура во регионот мора да запрат, а слободната и непречена пловидба и трговија низ меѓународните водени патишта во регионот, во согласност со меѓународното право, мора да се обноват во најбрз можен рок“.
Според извештаите на весникот „The Hindu“ и други индиски медиуми, министерството во знак на протест го повикало заменик-амбасадорот на САД во Њу Делхи.
САД воведоа блокада на иранските пристаништа како одговор на ефективната блокада на Ормуската Теснина од страна на Иран. Од средината на април, според американските податоци, осум бродови досега биле оневозможени за маневрирање.(МИА)

Македонски



