Skip to main content

Потпишан  Меморандум за соработка меѓу Културниот центар „Никола Ѓурковиќ“ од Котор и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид

Директорките на ЈУ Културен центар  „Никола Ѓурковиќ“ и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Радмила Радуловиќ и Христина Трпеска вчера потпишаа Меморандум за соработка по повеќе области од заеднички интерес.

Преку Меморандумот двете страни ќе работаат на  унапредување на културната размена , промоција  на книжевноста, уметноста и образованието, културното наследство како и зацврстување на пријателските врски  помеѓу Црна Гора и Македонија. Посебното значење за соработката произлегува од фактот дека градовите Котор и Охрид се под заштита на УНЕСКО, како градови на светското културно наследство и збратимени градови.

Градската библиотека во Котор е дел од Културниот центар, раководителката Марија Старчевиќ кажа дека со Меморандумот се отвора можност за размена на книжевни програми – организирање, гостување на писатели, поети и преведувачи. Изложби и настани од културата – заеднички изложби, промоции на книги и уметнички перформанси, едукативни проекти – работилници, семинари и предавања за млади и возрасни. Има и идеи за дигитална соработка – размена на дигитални содржини, заеднички online презентации и проекти. Библиотечни иницијативи – размена на искуства во областа на библиотекарството , дигитализацијата и зачувување на културното наследство.

Христина Трпеска, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ го отвори претставувањето на Библиотеката во Котор. Присутните накусо ги запозна со историјата на охридската Библиотека и моменталните проекти.

Премиерно во Котор беше прикажан кусиот промотивен филм, синхронизиран на српски јазик  за најстарата книга во охридската Библиотека „Пчињското изборно евангелие“ од крајот на XVI век. Трпеска, кажа дека пред крај е синхронизацијата на истиот филм на македонски, англиски, француски и германски јазик. Соопшти дека е отпечатен Каталог за евангелието на веќе споменатите јазици. Целта е приказната за евангелието да се раскажува  и пред бројните туристи во Охрид. На тој начин  Библиотеката активно би се вклучила во културниот туризам.

Во Мултимедијалната сала на Културниот центар „Никола Ѓурковиќ“ публиката се запозна со животот и делото на Григор Прличев, поетот и преродбеник од XIX век , но и со богатото книжевно наследство кое грижливо го чува Библиотеката во Охрид.

Посебно внимание кај присутната публика и стручна јавност предизвика  и презентацијата за Сретен Перовиќ (1932-2025), поет, драматург, театарски и литературен критичар и историчар. Перовиќ целиот свој живот беше наш, македонски пријател и современик, потврден македонист, повеќедецениски промотор на високите вредности на македонската книжевност. Во изминатите децении творечка активност, тој од македонската поезија има препеано над 50.000 стиха на српски и црногорски јазик. Тоа е импозантна бројка, зад која, по правило, би требало да стои институција. Но, во конкретниов случај, таа организирана институција се криеше само во едно име, во авторот и голем деец, кој негува нескриена љубов кон македонската поезија.

Од раскрсницата на милениумите (2000 година) започна воспоставување на новата традиција во Охридската ризница на меморијата со која секоја година еден голем странски поет беседеше за бесмртниот дух и делото на нашиот патрон  Григор Прличев во обновениот Спомен дом на поетот во Охрид. Овој настан традиционално се случуваше во време на одржувањето на светскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Така беше востановена едицијата „Беседи за Прличев“. Десеттата беседа во форма на книга од 2009 е во издание на НУ Библиотека Охрид а своевремено на црногорски и македонски ја напиша Сретен Перовиќ.

Претставувањето  во Котор  донесе факти и за Црногорците во Охрид и нивното населување забележано уште во 1920 година. Нивната сплотеност, организираност и учество во јавниот и општествено – културниот живот на градот.

Беа презентирани и неколкуте изданија кои ги поседува библиотеката од познатата поема  „Горски венец“ од Петар Петровиќ – Његош.

Публиката преку шест куси видеа го запозна Охрид како важен културен и туристички центар, а посебен акцент беше ставен на врските меѓу двата збратимени града – Охрид и Котор, кои се на листата на заштитеното светско наследство на УНЕСКО.Носител на Проектот финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам е м-р Милчо Јованоски, виши библиотекар. Тој концепциски го замисли претставувањето на Охрид во Котор и Цетиње во што учествуваат и библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска и директорката Христина Трпеска.

Поврзани вести