
Министерството за култура и туризам во 2026 година ќе располага со буџет од 12 милијарди и 540 милиони денари, а дополнителни 285 милиони денари ќе бидат обезбедени од приходите од игрите на среќа за поддршка на културата и туризмот – информира денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Љутков на брифингот со новинарите истакна дека со новите законски решенија се обезбедува траен финансиски механизам за развој на филмската индустрија и туризмот, при што три проценти од приходите од игрите на среќа ќе се издвојуваат за Агенцијата за филм, а четири проценти за развој на туризмот, без ограничување на годишниот износ.
Во согласност со новите законски решенија, 3 проценти од приходите од игрите на среќа ќе се одвојуваат директно за Агенцијата за филм, без ограничување на висината на средствата на годишно ниво. Со тоа се обезбедуваат значително поголеми финансиски ресурси, пред сè за домашни филмови и серии, поддршка на млади автори, дебитантски проекти и развој на аудиовизуелната индустрија. Дополнително, уште 4 проценти од приходите ќе се одвојуваат за развој на туризмот, исто така без горна граница – истакна Љутков.

Македонски


