Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва потпиша закон со кој се ограничува употребата на мобилни телефони во училиштата.
Учениците во основните и средните училишта низ Бразил ќе мора да ги следат новите правила почнувајќи од февруари. Според владината одлука, децата ќе можат да користат мобилни телефони само во итни случаи и кога се во опасност, доколку се работи за деца со посебни потреби и за образовни цели.
Децата почнуваат да користат мобилни телефони многу рано, што им отежнува на родителите да го контролираат она што го прават, и затоа ќе бидат корисни ограничувањата во училиштата – рече министерот за образование Камило Сантана, објавувајќи ја забраната.
Забраната е веќе донекаде спроведена во бразилските училишта. Од 2023 година, две третини од бразилските училишта воведоа некаков вид ограничувања, а 28 проценти целосно го забранија.
Кина ја ограничи употребата на мобилните телефони во училиштата минатата година, а Франција воведе забрана во училиштата за деца на возраст од шест до 15 години. Најмалку осум американски држави веќе тргнаа во оваа насока и ја забранија или ограничија неговата употреба за безбедноста на децата и нивното ментално здравје. Според извештајот на УНЕСКО од септември, четвртина од земјите воведоа некакви ограничувања во училиштата.