Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче на ист став со Петрова Чамова, ќе преговара со Европа за интересите на Бугарија

Венко Филипче е на ист став со бугарските власти кога станува збор за уставните измени и европскиот пат на Македонија, обвини денес ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека лидерот на СДСМ поддржува спроведување на уставните измени без гаранции за земјава.

Од владејачката партија тврдат дека Филипче и бугарската министерка за надворешни работи имаат идентични ставови дека преговорите се водат со Европската Унија, а не директно со Бугарија. Според ВМРО-ДПМНЕ, таквиот пристап би ѝ овозможил на Софија и натаму да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.

Во соопштението се посочува и случајот со Рубин Земон, кој беше член на Извршниот одбор на СДСМ, а чија фотографија со Виктор Стојанов од Фондацијата „Македонија“ предизвика реакции во јавноста. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче не се оградил од Земон ниту поради таа средба, ниту поради неговите јавни изјави.

Партијата дополнително ги критикува ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев, наведувајќи дека тие се насочени кон негирање на македонскиот јазик, идентитет и историско наследство.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека граѓаните веќе ја оцениле политиката на СДСМ на избори и побараа опозициската партија повеќе да се фокусира на домашните прашања наместо на, како што наведуваат, „релативизирање на македонскиот идентитет“.

Воедно, од партијата оценуваат дека Филипче не може да одлучува за иднината на државата од позиција на опозиција, обвинувајќи го дека бил дел од политиките кои довеле до застој на евроинтегративниот процес.

МИА

Поврзани вести