
На македонската музичка сцена секогаш има место за нови, талентирани и вредни млади артисти, а токму една од нив е и Драгана Костова од Струмица, која деновиве ја промовираше својата прва авторска песна со наслов „Адио“.
Станува збор за нејзин прв официјален музички проект, зад кој стои тим што посветено работеше во изминатиот период. Музиката и аранжманот за песната ги потпишува Лазар Цветковски, додека текстот е дело на Магдалена Ена Цветковска.
За песната е снимен и видеоспот на неколку локации, а режијата е на Стеди Флоу. Драгана во спотот се појавува во впечатливо издание, со внимателно избрани стајлинзи и кадри што совршено се вклопуваат со приказната и атмосферата на самата песна.
Со оваа песна, Драгана најавува дека во периодот што следува активно ќе работи на нови музички проекти и ќе се труди да донесе нешто ново и свежо на македонската музичка сцена.
Ова е мојата прва авторска песна и навистина сум среќна што конечно ја споделувам со публиката. На проектот работевме долго и со многу посветеност. Голема благодарност до Лазар, Магдалена и до целиот тим, бидејќи сите дадовме максимум за ‘Адио’ да звучи и изгледа онака како што замисливме. Се надевам дека песната ќе им се допадне на луѓето и дека ќе ја пеат заедно со мене, изјави Драгана.
Инаку, Драгана Костова пред неколку години беше дел од популарното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што остави силен впечаток кај жири-комисијата и публиката со своите интерпретации. Моментално е втора година на Музичката академија, на отсекот по пијано, каде дополнително го надградува своето музичко образование.
Младата пејачка планира сериозно и понатаму да се посвети на музичката кариера, а „Адио“ е само почеток од она што следува. Во периодот пред неа најавува многу нови песни, проекти и видеоспотови, но и настапи низ повеќе градови ширум Македонија.
Погледнете, уживајте и доколку ви се допадне, споделете ја на вашите социјални мрежи новата песна „Адио“:

Македонски


