
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска ја обвини опозицијата предводена од СДСМ и лидерот Венко Филипче за, како што рече, „неодговорен и неодржлив пристап“ со кој се блокира работата на Комисијата за финансирање и буџет.
Според Стојаноски, опозицијата со „банални оправдувања“ избегнувала да започне расправата на Комисијата, иако на дневен ред се наоѓале прашања директно поврзани со функционирањето на државата.
Со денови Венко, СДСМ и целата опозиција го проблематизира заемот, па кога побаравме да биде прва точка на дневен ред и веднаш да ги соочиме аргументите – тие избегаа од соочувањето – изјави Стојаноски.
Тој посочи дека на седницата се разгледуваат точки поврзани со обезбедување средства за обврски од колективните договори, како и за продолжување на капиталните инвестиции.
Станува збор за средства со кои треба да се обезбеди навремена исплата и реализација на политики важни за граѓаните — повисоки примања во образованието, здравството и јавниот сектор, изградба и реконструкција на инфраструктура, училишта, болници и други проекти – рече пратеникот.
Стојаноски оцени дека наместо аргументирана дебата, опозицијата прави обид за блокада на Комисијата и кочење на процесите кои, според него, се во интерес на граѓаните и државата.
Во изјавата тој потсети и на, како што наведе, долговите од еврообврзниците земени во периодот на владеење на СДСМ.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ само по основ на еврообврзници кои ги има земено СДСМ треба да врати вкупно 2,4 милијарди евра. За 2026 година вкупниот долг што треба да го сервисира државата е во износ од 2,4 милијарди евра – истакна Стојаноски.
Тој порача дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволат, како што рече, „дневнополитички интереси да го загрозат функционирањето на државата“, и ги повика СДСМ и Венко Филипче да покажат одговорност и да овозможат институциите да работат.

Македонски


