Skip to main content

Изложбата „Емотивна постава“ ја претвора емоцијата во текстура, а женската сила во уметност

Кампањата „Емотивна постава“ е автентичен проект што ја истражува длабоката симбиоза помеѓу ткаенините и женската внатрешна сила, создавајќи визуелна и емотивна приказна за чувствата што живеат под површината.

Кампањата се реализира преку дигитална комуникација на социјалните мрежи, а од 20 до 31 мај ќе биде поставена изложба во Ист Гејт Мол, каде посетителите ќе имаат можност одблиску да ја почувствуваат „Емотивна постава“ – преку фотографија и женска енергија преточена во визуелна уметност.

Кампањата „Емотивна постава“ ја отвора темата за врската помеѓу материјалот и емоцијата, претставувајќи ја модата како продолжение на внатрешниот свет на жената. Преку движењата материјалите добиваат сопствен живот, откривајќи дека она што го носиме на себе честопати е одраз и на она што го носиме во себе. Секоја фотографија во кампањата ја доловува тивката, но моќна енергија на женската природа – истовремено нежна, ранлива и силна.

Во центарот на визуелната приказна се наоѓа уникатна наметка создадена од различни текстури и материјали, како симбол на слоевитоста на женската емоција. Секој материјал носи сопствен сензибилитет и карактер, создавајќи композиција што зборува за топлина, мекост, слобода и самодоверба. Наметката е модно дело што го претставува изразот на внатрешната сила и автентичност.

Како дел од проектот се приклучува и инфлуенсерката Нина Ред, која добива можност да ги прикаже сите емоции одеднаш, носејќи ја уникатната наметка создадена од сите материјали вткаени во приказната.

Токму оваа наметка, како централен симбол на „Емотивна постава“, ќе биде подарена на една жена, која ќе добие можност „на своја кожа“ да ја почувствува емоцијата, силата и приказната вткаени во неа.

Раководителката на секторот за дизајн во Пазел Конекшн, Александра Гатовска, вели дека идејата за кампањата се родила сосема спонтано, од искрен разговор за модата, емоциите и женската природа.

Отсекогаш сум била голем љубител на модата и уникатните парчиња што носат приказна во себе. Во едно сосема обично кафе-муабет дружење со Стефанија сфативме колку всушност материјалите што ги носиме влијаат врз нашето чувство за себе. Не станува збор само за естетика, туку за емоција, за чувство на сигурност, мекост, самодоверба или слобода. Така се роди „Емотивна постава“ – како приказна за жената, нејзината внатрешна сила и невидливите чувства што ја обликуваат, вели Гатовска.

За Симона Митровска Бибановска кампањата имала особено емотивно значење, бидејќи се создавала во период кога и самата минувала низ една сосема нова животна фаза.

Бременоста во мене отвори еден целосно нов свет на емоции – од нежност и ранливост, до сила што дотогаш не сум знаела дека ја носам во себе. Токму таа бура од чувства некако природно се преточи и во самата кампања. „Емотивна постава“  за мене е многу лично доживување, низ кое ги изразив сите оние тивки емоции што понекогаш не умееме да ги кажеме со зборови. Исклучително сум благодарна и што директорот на нашата компанија, Мики Наки Трајкоски, постојано ни дава простор да ги реализираме нашите идеи и да го работиме она што вистински нè исполнува и нè прави среќни, вели Митровска Бибановска.

Дизајнерката Стефанија Насеска Попадинец посочи дека оваа кампања претставува спој на мода, емоција и лична вистина.

Сакавме да покажеме дека облеката може да биде многу повеќе од визуелен израз – таа може да носи чувство, емоција и лична приказна. Секој материјал има сопствен карактер и енергија, а кога тие ќе се спојат со женската природа, се создава нешто исклучително интимно и искрено, наведе Насеска Попадинец.

Она што ја прави кампањата особено интимна и автентична е фактот што токму креаторките на идејата – Симона Митровска Бибановска, Александра Гатовска, Стефанија Насеска Попадинец, како и дизајнерката Роза Милкова – се јавуваат и како модели во кампањата, преточувајќи ги сопствените емоции во фотографија.

За визуелниот идентитет на проектот заслужна е фотографката Павлина Поповска, која со воодушевување ја прифатила соработката, инспирирана од, како што истакна, „силната женска енергија“ што ја носи целата кампања.

„Емотивна постава“ е повик за прифаќање на сопствената автентичност, за славење на женската емоција и за препознавање на силата што тивко живее во секоја жена.

Поврзани вести