
Момчето кое ја освои публиката од Вардар до Триглав, кумановецот Филип Александровски, продолжува сигурно да чекори по музичкиот пат и да ја гради својата кариера.
Младиот пејач вчера на социјалните мрежи и на музичките платформи ја објави својата најнова песна со наслов „Ноќ за паметење“, нумера која уште на прво слушање привлекува внимание со својата емоција, модерен звук и впечатлива интерпретација.
Музиката за песната е дело на Димитар Андоновски, додека текстот го напиша Магдалена Ена Цветковска. Целиот проект доби и визуелна приказна преку видео спот снимен во соседна Грција, а режијата на спотот му е доверена на Алек Тасевски. Атрактивните кадри и летната атмосфера дополнително ја доловуваат енергијата што ја носи „Ноќ за паметење“.
Филип Александровски пошироката јавност го запозна преку неговото блескаво учество во Ѕвездите на Гранд, каде со своите настапи и моќни вокални интерпретации успеа да ги освои симпатиите на публиката ширум регионот. Неговата харизма, емоција и посветеност на сцената го издвојуваа како еден од највпечатливите млади натпреварувачи во шоуто.
Пресреќен сум што конечно „Ноќ за паметење“ ја здогледа светлината на денот. Станува збор за песна во која навистина се пронајдов и уште на прво слушање почувствував дека носи посебна емоција. Огромна благодарност до Димитар Андоновски за довербата, за прекрасната соработка и за тоа што создаде песна во која максимално можев да се изразам како пејач. Снимањето на видео спотот во Грција беше едно прекрасно искуство, исполнето со многу позитивна енергија, дружење и убави моменти кои верувам дека публиката ќе ги почувствува и преку самото видео. Планирам сериозно да се посветам на мојата музичка кариера и во периодот што следува публиката може да очекува уште многу нови авторски песни и проекти на кои веќе активно работам, изјави Филип.
Со новата песна, Филип уште еднаш потврдува дека станува збор за млад пејач со сериозен потенцијал и јасна визија за својата музичка иднина, а „Ноќ за паметење“ е само уште следен чекор напред во неговата кариера.

Македонски

