Skip to main content

Популарниот готвач Филип Ондрушек ќе ги открива вкусовите на македонските пазари, локалните производители, селските трпези и автентичните вкусови на Охрид, Битола, Преспа и Мариово

Светски познатиот готвач со словачко- австриско потекло, Филип Ондрушек, кој својата кариера ја градел низ врвната европска гастрономија и современата fine dining сцена, доаѓа во Македонија.

Од 19 до 26 мај тој ќе биде гостин на Слоу Фуд мрежата во Македонија, организирана е богата програма, која ќе ги поврзе вкусовите, традициите и приказните на локалните производители, носејќи го вистинскиот ритам на бавна и посветена гастрономија. Наместо луксузни хотелски кујни и затворени гастро-настани, Ондрушек ги одбра македонските пазари, локалните производители, селските трпези и автентичните вкусови на Охрид, Битола, Преспа и Мариово. Ќе ја истражува локалната традиција, сезонските производи и потенцијалот на нашата кујна како современ гастрономски бренд. Во рамките на посетата, Ондрушек ќе одржи мастер клас на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на тема „Локални состојки, сезонски менија и гастрономија без отпад“. Пред студентите ќе зборува за современите гастрономски трендови, одржливата гастрономија и улогата на локалните состојки во современата кујна. Посебен дел од програмата ќе биде демонстративната сесија за готвење со локални и сезонски состојки, како и дискусијата за управување со „нула отпад“ во професионалните кујни – тема која денес е еден од најважните глобални трендови во гастрономијата. Ондрушек ќе има и средби со локални производители и готвачи, а во Винарија Манастир ќе се одржи панел за кулинарска соработка и „зелено гостопримство“. Заедно со готвачите од локални ресторани во Охрид, ќе работи на јадења инспирирани од традиционалната македонска кујна, сезонските производи и современите техники на готвењето. Во панел-дискусијата „Зелено гостопримство во Охрид“ ќе се разговара за одржливо управување со ресторани, намалување на отпадот од храна, енергетска ефикасност во угостителството, локални набавки, кратки синџири на снабдување, но и за гастрономијата како сериозен туристички производ за Охрид и Македонија. По Охрид, гастрономската приказна продолжува во Битола и Пелагонија. Ондрушек ќе ја посети Преспа, каде ќе се запознае со подготовката на традиционалното ѓомлезе, а ќе има и средби со тимот на Slow Food Macedonia и локалните производители. Во програмата се вклучени и посета на село Дихово – познато по македонската медоносна пчела, посета на Буково – село мапирано по прочуената буковска пипер, како и работилници во Food Republic, гостилница која користи производи од локалните производители и има автентичен македонски шмек. Тој ќе се сретне и со млади готвачи од мрежата на Slow Food Macedonia, ќе го посети регионот Мариово и селото Зовиќ, винаријата Сарика, а ќе прошета и низ Старата чаршија и пазарот во Битола. Посетата ќе заврши со подготовка на гала вечера. Посетата на Филип Ондрушек се очекува да донесе нова енергија и дополнителна промоција на македонската гастро-сцена пред меѓународната јавност. Организатори- Слоу Фуд Македонија, Слоу Фуд Охрид, Слоу Фуд Битола и Алијанса на готвачи на Слоу Фуд Македонија. Подржувачи- Општина Охрид, Факултет за угостителство и туризам-Охрид

Поврзани вести