Skip to main content

Сиљановска-Давкова во Љубљана се сретна македонски научници, професори, доктори, инженери, правници и уметници кои живеат во Словенија

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која е во официјална посета на Република Словенија, денеска во македонската амбасада во Љубљана се сретна со наши иселеници, кои со своето знаење и работа се вградиле во словенечкото општество и денес се препознаени и ценети во науката и уметноста.

Инспиративно беше да се разговара со македонски научници, универзитетски професори, доктори, инженери, правници и уметници во Словенија. Ме информираа за професионалните дострели, за причините заради кои си заминале и за можностите за соработка со матичната држава. Се радувам кога меѓу нашите иселеници гледам успешни, реализирани и влијателни луѓе кои се почитувани во средините каде што живеат и работат, рече Сиљановска-Давкова по средбата.

Посебна чест, додаде, е што дел од нив се добитници на високи словенечки признанија, афирмирајќи ја не само Словенија, туку и татковината.

Претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.

фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.

-Каде и да сме по светот имаме еден заеднички дом, заедничко црковно катче каде може да се собереме – рече претседателката.

Црквата и религијата, додаде таа, се многу важни за македонскиот народ и за опстојувањето на неговиот долг пат.

Претседателката Сиљановска-Давкова попладнево ќе одржи состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, додека во Крањ ќе го посети Македонското културно друштво, во чии простории се наоѓа и првата македонска библиотека.

Сиљановска-Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација.

Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.

Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.

Во вторник, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“

Поврзани вести