Skip to main content

Водата како сведок на цивилизациите: Нова изложба во Музејот на Македонија

НУ Музеј на Република Македонија – Скопје ја реализира изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“, поставка што преку археологијата, етнологијата и уметноста ја следи улогата на водата низ историјата, културата и духовниот живот на заедниците.

Изложбата ја претставува водата не само како биолошка неопходност, туку и како духовен медиум, симбол, инспирација и сила што го обликувала човечкиот живот низ времето. Низ различни историски и културни слоеви, поставката покажува како водата учествувала во создавањето на идентитети, верувања, занаети, спортски практики и општествени односи.

„Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ ја отвора можноста посетителите да ја погледнат водата како огледало на цивилизацискиот развој, како елемент што истовремено ја скротува природата, ја движи културата и останува сведок на човечката потреба да остави трага.

Изложбата е реализирана во соработка со НУ Археолошки музеј на Република Македонија – Скопје и НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга. Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, а коавторка е Александра Папазовска.

Поврзани вести