Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: ДЗР утврдил неправилности за мазутот за ТЕЦ Неготино, обвинителството стопирало постапка

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил неправилности во набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна 167 милиони евра, но дека обвинителството не постапило по тие наоди и ја стопирало постапката.

Од партијата тврдат дека јавните обвинители Ислам Абази и Катерина Коларевиќ донеле, како што наведуваат, „скандалозна одлука“ за запирање на постапката за случајот, иако, според нив, постоеле сериозни сомнежи за криминал, корупција, перење пари и загадување на животната средина.

Според соопштението, ревизорскиот извештај констатирал дека при набавката бил испорачуван мазут од различен добавувач од оној наведен во договорот, додека стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот содржел нечистотии кои предизвикувале дефекти во постројките на ТЕЦ Неготино.

И покрај ваквите наоди, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бил склучен анекс на договорот, со што неговата вредност достигнала 167 милиони евра.

Партијата обвинува за селективност во постапувањето на обвинителството, тврдејќи дека доказите и извештаите не биле соодветно разгледани. Воедно, упатуваат критики за, како што наведуваат, поврзаност на обвинителите со владејачките партии СДСМ и ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Советот на јавни обвинители да го испита работењето на обвинителите во случајот „Мазут“ и да утврди дали имало пропусти во постапката.

„Целата вистина за овој случај од висок јавен интерес мора да излезе на виделина“, се наведува во соопштението, од каде додаваат дека е неопходно зајакнување на владеењето на правото и довербата на граѓаните во судството.

Поврзани вести