
Началник на полициската управа на Белград, Веселин Милиќ, е уапсен и доби 30-дневен притвор, објавија српските медиуми.
Во вторникот на 12 мај годинава, началникот Милиќ повикал двајца криминалци на средба во ресторан, наводно за да ги смири бидејќи тие имале претходни меѓусебни недоразбирања. Но, едниот од нив, пред очите на Милиќ, извадил пиштол, го убил вториот криминалец, а потоа луѓето од обезбедувањето на началникот, помогнале телото да се извади од ресторанот, го запалиле покрај автопат и се ослободиле од снимките од камерите во ресторанот.
Милиќ е осомничен за непријавување кривично дело, непријавување на сторител на кривично дело и за помагање при извршување кривично дело.
Според извори од Министерството за внатрешни работи, Веселин Милиќ на 12 мај договорил средба во ресторан во Сењак за двајца криминалци Александар Нешовиќ – Баја и Саша Вуковиќ – Боске. Средбата била „за да ги поправат нивните нарушени односи“.
Милиќ наводно го чекал Нешовиќ во ресторанот заедно со Вуковиќ. Кога пристигнал Нешовиќ, набрзо избувнала вербална расправија меѓу двајцата. Саша Вуковиќ испукал неколку куршуми кон Нешовиќ пред очите на Милиќ. Според „Данас“, членовите на обезбедувањето на Милиќ, кои се полицајци, му помогнале на Вуковиќ да го однесе онесвестениот Нешовиќ. Исчезнувањето на Нешовиќ го пријавила неговата сопруга, која изјавила дека тој отишол во ресторанот.
Според „Данас“ двајца од тројцата полицајци што го обезбедувале Веселин Милиќ, заедно со Вуковиќ, го извадиле телото од ресторанот и го фрлиле покрај автопатот кај Шимановац, каде што го запалиле, додека Милиќ и друг полицаец останале во ресторанот за да отстранат траги и видео снимки од безбедносните камери. Уапсен е и келнерот од ресторанот.
Притворот за Милиќ е определен поради тоа што ако биде пуштен на слобода, ќе уништи, скрие, измени или фалсификува докази или траги од кривичното дело, како и дека ќе ја попречи постапката со влијание врз сведоци“, соопшти Вишиот суд во Белград.
Тој е сменет од функцијата откако изби скандалот.

Македонски

