
Убаво погледнете ги овие фотографии. На едната во опуштена атмосфера седат тројца мажи, од кои оној што е учка (хе хе) е братот на Али Ахмети. На втората меѓу ловџиите е обвинителот од Вишото скопско обвинителство, Дилавер Бектеши, кој меѓу другите брилијантни одлуки им ги врати пасошите на двајцата поранешни функционери на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, вмешани во изборни манипулации. Заеднички именител им е личноста на неделата, првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција,
Ислам Абази
Овие фотографии излегоа во јавноста уште ноември 2022 година, кога дотогаш анонимниот обвинител од ЈО во Гостивар беше изгласан да стане главниот обвинител во најбитното обвинителство во земјава. Родум Зајас, тој вели се знае од низ село со фамилијата Ахмети. Мало е местото, ќе го познаете по црвено црните знамиња кога летово ќе одите кон Охрид.
Нејсе, уште во 2022 година немавме надеж дека за криминал и корупција ќе се гонат играчите од тој тим, но дека толку апла ќе се игнорираат случаи тешки милиони…
Случајот „Мазут“ беше една од најголемите истраги за организиран криминал и корупција поврзани со енергетскиот сектор во Македонија. Во предметот се истражуваа сомнежи за злоупотреби при јавни набавки на мазут во ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза во периодот од 2021 до 2023 година. Според првичните сомнежи на Државна комисија за спречување на корупцијата, постоеле индиции за несовесно работење, злоупотреба на службена положба, перење пари, даночно затајување и местење тендери поврзани со набавка вредна околу 212 милиони евра. Се тврдеше и дека биле испорачани помалку количества мазут од договорените. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека министерството вложило огромни ресурси во истрагата и таа била обемна.
Меѓу осомничените беа Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ, кој во јавноста е познат како трујачот, потоа Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, па поранешните директори на ЕСМ, пребегнатиот Васко Ковачевски и „независниот“ Адриан Муча, за кого јавна тајна е дека е близок со ДУИ, како и Ерџан Сулковски и уште неколку лица од енергетскиот и бизнис-секторот.
Сега, по една година откако ОЈОГОКК ја започна истрага, соопшти дека го затвора предметот со образложение дека „нема доволно докази за кривично гонење“. Обвинителката Катерина Коларевиќ изјави дека по извршените вештачења, финансиски анализи и прибрани докази, не било утврдено „основано сомнение“ дека е сторено кривично дело што се гони по службена должност. Според нив, набавките биле неопходни за да се избегнат рестрикции на струја и дека не било утврдено противправно дејствување кое може да се докаже на суд. Со тоа беа повлечени кривичните пријави против сите осомничени.
Одлуката предизвика силни политички и јавни реакции.
Но, тука и застана. Прашањето е зошто реакциите не ни се побурни? Зошто нема толпа народ пред обвинителството? Зошто ние не им се качуваме учка? Знаеја ли Абази и другариве дека сме златна рипка, па чекаа една година за тивко да речат – не ги гониме?
Да, ни го знаат наравот. Знаат дека поинтересно неделава ни беше да се натпреваруваме кој повеќе знае што е куче, а што волк. Знаат дека сме куче што лае, а не каса. Знаат дека и овојпат караванот ќе си помине.
Засега шокираниор и разочаран Тошковски ветува дека ова не е крај.
Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството. Ова е огромно разочарување особено за целиот тим на МВР кој работеше на случајот, рече во вчерашното интервју на „Само интервју“.
Додаде дека конечно е дојдено време ваков потенцијален криминал каков што е направен во овој случај да не биде затворен со плитко спроведени постапка.
По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба со цел да се разоткрие она што е правено. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба. Ќе види јавноста во следниот период што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба којашто МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период, во насока на остварување на право и правда – порача Тошковски.

Македонски

