Skip to main content

Николоски: Летово ќе биде завршена физибилити-студијата за брзата пруга на Коридорот 10, проектот ќе се заврши до 2031 година

Летово ќе биде завршена физибилити-студијата по што ќе следува ревизија. Процесот на планирање мора да заврши перфектно добро. Првичниот рок што го кажав, дека проектот ќе се заврши до 2031 година, останува, ништо не е поместено – изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за брзата пруга на Коридорот 10.

Како што истакна Николоски одговорајќи на новинарски прашања, во тек се активностите кои се исклучително битни, па дури и најзначајни за целиот проект, но не се доволни видливи и атрактивни за јавноста. Проектот почна во октомври минатата година, а градежни активности се и геотехничките истражувања.  

– Имајќи предвид дека јасно ќе биде барањето, и наше и на банката финансиер, дека рокот за завршување е пет години, нема да има отстапки зашто ќе бидат многу високи пеналите за изведувачот доколку го пробие рокот – потенцира министерот.

Тој објасни дека за да се реализира голем инфраструктурен проект, потребни се три фази.

– Првата фаза е да се обезбеди финансирање, втората е да се направи добро планирање и третата е да се изведе на терен. Во делот на финансирањето, работата се заврши минатата година, избрана е индикативна понуда, која, секако, кога ќе заврши процесот на планирање, тоа е втората фаза, треба да се потврди. Тој процес е завршен минатата година. Во делот на планирањето, според мене најбитниот и најзначаен дел, имајќи предвид дека овој проект ќе го работиме со Велика Британија, документацијата и она што беше како планирање претходно работено со Европската Унија, се сметаше дека е недоволно за реализација на толку голем инфраструктурен проект и затоа влеговме целосно во нов процес на планирање, што опфаќа многу фази. Ќе се обидам да ги кажам наједноставно. Првата е избор на трасата. Беа понудени девет траси, се избра една. Јасно е која е трасата, таа горе-долу ја следи постојната линија, но беа понудени уште осум други опции. Втората е оценка на влијание врз животната средина врз основа на трасата што е избрана. Третата е оценка за влијанието врз средината во која живеат луѓе, социјалната средина веројатно е најсоодветен превод. Четвртиот е за заштита на културно-историското наследство имајќи предвид дека на трасата има најмалку два големи локалитети, Стоби и Вардарски Рид. Петтата е прелиминарен дизајн или проектирање, шестата е геотехнички истраги и седмата е проект – рече Николоски.

Според него, паралелно се прават due diligence анализа и физибилити-студија, кои треба сите овие активности да ги вклопат.

– Ова се работи активно од октомври. Знам дека тоа не е визибилно за народот, не е атрактивно, во смисла да видите багер на терен или да видите работници на терен итн., но за мене ова е најзначајниот дел од проектот. Кога сè ова ќе заврши, а во согласност со правилата и процедурите, ќе заврши летово зашто треба четири сезони да поминат, се прави ревизија и кога ќе заврши ревизијата, се потврдува и се дава на изведувачот за да може да работи. Само во такви услови нема да ни се случи Охрид – Кичево, првите геотехнички истражувања да ги направивме на крајот на 2024 година, а проектот беше почнат 2014 година и, меѓу другото, затоа толку доцни – истакна Николоски. 

Поврзани вести