Skip to main content

Кај девет пациенти биле извршени непотребни операции на срце утврди комисијата составена од странски експерти

Кај девет пациенти биле извршени непотребни операции на срце, утврди комисијата составена од странски експерти, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конфренција. Пациентите се живи и се на возраст од 45 до 78 години. Пропустите се направени во пет јавни и приватни здравствени установи и тоа во ЈЗУ Универзитетската клиника на кардиологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничката болница – Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардио арт“ – Штип, Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ – рече Алиу. Деветте сомнителни случаи и наодите од меѓународната комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, ДКСК и сите надлежни институции во земјата.

На денешната средба со новинарите Алиу кажа дека веднаш по изразените сомнежи на академик д-р Сашко Кедев за изврешни непотребни операции на срце во здравствени установи во Македонија била формирана интерна комисија од врвни експерти која ја изврши стручната анализа на 20 случаи. Интерната комисија била составена од девет врвни домашни медицински експерти, доктори во областа, како и правници и економисти, односно претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Интерната домашна комисија одржа 16 работни состаноци и темелно разгледа 20 случаи, од кои кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција. Целокупната документација за пациентите за кои интерната комисија утврди наоди беше доставена до меѓународната експертска група која во февруари годинава беше формирана. ​Оваа група е составена од тројца врвни професионалци, а тоа се: доктор Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и доктор Черчеш Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Целта беше да се обезбеди независен, стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија во нашата држава, како и да помогнеме во препознавање на можните системски празнини во системот, изјави Алиу.

Комисијата составена од странски експерти минатата недела ги доставила наодите од својот стручен увид. Тие наоди во значаен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија.

Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека, обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“, а кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларните или хируршките процедури“. Во однос на овие случаи, комисијата оценува дека, цитирам: „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можно е неповолно влијание врз клиничкиот исход кај нив, изјави Алиу.


​На новинарско прашање дали ќе бидат објавени имињата на болниците и на лекарите кои извршиле непотребни опрации, министерот Алиу кажа дека наодите се сериозни и не смеат да се релативизираат, но исто така тие не смеат да се користат за генерализација или за нарушување на угледот на целата лекарска професија или за стигматизација на установите.

Огромен број на лекари во нашата држава работат чесно, работат стручно и работат посветено. Токму затоа, системот мора да ги заштити и пациентите и професионалниот интегритет на лекарите во нашата држава. Извештаите од интерната и странската комисија ќе бидат доставени до Влада, до Јавното обвинителство, до Лекарската комора, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување и Државната комисија за спречување на корупција, изјави Алиу.


​Тој потсети дека и Лекарската комора спроведе вонреден стручен надзор над лекувањето на пациентите кај кои се извршени кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции. Од нивна страна до нас исто така се доставени извештаите за 27 случаи, кај одреден дел е оправдана индикацијата за интервенција, додека кај останатите ќе биде предмет на дополнителна анализа.

​Министерот за здравство најави дека ќе се отпочне со ревидирање на протоколите за постапување при кардиолошки и кардиохируршки интервенции, а дополнително ќе се формира национален харт-тим (heart team) составен од девет членови, кардиолози и кардиохирурзи. Тимот ќе биде составен од претставници од јавните и од приватните здравствени институции во нашата држава, односно шест членови од тој тим ќе бидат од јавните здравствени институции и три членови од приватниот здравствен сектор.

Овој тим ќе се состанува на редовна основа и ќе разгледува сложени и гранични случаи, односно кога е потребно дополнително стручна проценка за нив. Ќе се пристапи кон формирање на национална листа на кардиохируршки операции. Целта на оваа листа е да имаме појасен увид во елективните интервенции, нивната медицинска оправданост, редоследот на упатувањата и установите во кои ќе се извршат истите. Итни случаи остануваат приоритет и кај нив нема да има административно одложување, но кај елективните интервенции системот ќе има дигитална трага: кој, кога, зошто и врз основа на која медицинска индикација е упатен на интервенција, изјави Алиу.

Д-р Александар Станков, директор на судска медицина, кој бил дел од домашната комисија кажа дека мора да им се верува на институциите и на докторите.

Јас ценам и уште верувам дека поголем дел од нив работат стручно и со протоколи, затоа ќе ги менуваме протоколите, ќе бидат појасно дефинирани, построго дефинирани, за да бидеме сите сигурни. Клучниот збор го одредува обвинителството и судот, тоа го знаеме сите. Меѓутоа, обвинителството за да може да спроведе постапка, мора да направи вештачење. Без разлика, овој извештај е материјален доказ којшто би се употребил во понатамошно вештачење доколку смета обвинителството дека треба вештачење. Вештачењето е неопходно во секоја постапка, доколку смета обвинителството дека треба. Ако обвинителството смета дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, се составува тим за вештачење и врз основа на извештаите, медицинската документација, што сè претставува материјален доказ, се изготвува вештачење. Документите коишто излегуваат од Министерството за здравство или пак од Лекарска комора или од ДСЗИ, коишто се еден вид стручен надзор, немаат тежина на вештачење. Тоа е само материјален доказ. Вештачењето понатаму му помага на обвинителството да го потврди обвинителниот акт и да почне судењето, или пак да го отфрли, изјави д-р Станков.

Поврзани вести