
Повисоки цени на авионските билети низ Европа се „неизбежни“ како последица на зголемувањето на трошоците за керозин, предупреди генералниот директор на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА), Вили Волш.
Во својот исказ за Би-Би-Си, Волш нагласи дека авиопревозниците не можат долгорочно да ги надоместат зголемените издатоци за гориво, иако некои европски компании неодамна ги редуцираа цените на билетите поради намалената побарувачка.
Волш исто така предупреди на потенцијални ризици за снабдувањето пред почетокот на летната сезона. Тој посочи дека воздушниот сообраќај во Велика Британија би можел да се соочи со можна напнатост во залихите на гориво за време на пикот на сезоната, иако, според неговите зборови, „нема причина за паника“.
Според неговата проценка, дури и во случај на брзо отворање на Ормуската Теснина, нарушувањата на пазарот на нафта и оштетувањата на рафинериите на Блискиот Исток би можеле да остават траен печат врз цените на горивото.
„Едноставно нема начин авио-компаниите да ги апсорбираат дополнителните трошоци“, изјави Волш, додавајќи дека евентуалните намалувања би биле минливи и дека на крајот трошоците ќе ги поднесат патниците.
Тој предупреди дека овој проблем би можел да продолжи со месеци, па дури и до следната година.
Европската Унија објави дека нема регулаторни пречки за употреба на американски керозин, доколку неговиот увоз биде внимателно управуван. Комесарот за енергетика, Дан Јоргенсен, изјави дека не очекува недостиг на краток рок, но дека постојат долгорочни ризици.
Слични прогнози доаѓаат и од туристичката индустрија. Директорот на компанијата ТУИ, Себастијан Ебел, изјави дека не очекува значителни пречки во наредните месеци.
Британската влада информираше дека ја следи состојбата и дека соработува со авиопревозниците за да се избегнат нарушувања и да се обезбеди стабилно планирање на летовите за време на летната сезона.
Извор: МИА

Македонски


