Skip to main content

Трите лаги на СДСМ

Особено е интересен Филипче кога го гледаме како стои пред новинарите, дава изјави или одговара на прашања. Скоро по правило, со дел од нив дебатира, се расправа и буквално се кара. Негодува за вестите што ги пуштаат во јавноста кои не се по негов вкус. Како врв на сето претходно, Филипче се жали на напади од противничката партија, коалиција на власт, па дури и на непослушност од градоначалниците произлезени од СДСМ.

Не би сакале да навлегуваме во тактиката и стратегијата на медиумскиот настап на Филипче, кој како лидер на СДСМ има право самиот да процени и определи на каков начин ќе и се претстави на јавноста. Но, во услови на демократија и плурализам, да го обвинуваш политичкиот противник дека не се согласува со твоите ставови, мислења и политики, е показател за тоа дека кај Филипче и СДСМ недостасува демократски капацитет и основна политичка култура за прифаќање на различните гледања на нештата.

На крајот од денот, таквите политички разлики не паднале од небо или се појавиле преку ноќ, како што се стекнува впечаток од изјавите на Филипче. Тој е единствениот кој делува како сега да ги забележува разликите со неговите противници. Тие разлики се јасно верифицирани веќе на неколку последователни изборни циклуси и како политики буквално се бетонирани од страна на граѓаните.

Можеби за ваквиот однос на актуелниот претседател на СДСМ е виновен „чадорот“ на Заев, кој што беше активен за целото време на министерувањето на Филипче во владите на СДСМ. Со таквиот чадор Заев го држеше Филипче далеку од реалната политика која има допир со граѓаните, оставајќи му простор да се фокусира само на сопствениот ресор и сомнителните политички „операции“, како онаа поврзана со една приватна клиника, специјализирана за срцеви болести.

Затоа Филипче, потполно не навикнат на незгодни прашања, истражувачко новинарство насочено кон него или разликите во мислењата со своите сопартијци и политичките противници, делува зачудено, вознемирено и затечено од она со кое што се соочува како претседател на некогаш силната СДСМ. Неговите обвинувања за пропаганда на власта, насоченоста кон него или ширењето на лажни вести делуваат некако неубедливо и неаргументирано. Делуваат како крик на човек затечен во неочекувана ситуација од која сака да излезе како од кошмарен сон со обично будење и отворање на очите.

Проблемот е во тоа што Филипче не погледнува во сопствениот двор и не сака да се соочи со сопствените лаги кои сака да им ги продаде на граѓаните. Разочарувачки е тоа што лидерот на СДСМ верува дека неговите манипулации ќе бидат во целост прифатени од граѓаните и како такви ќе станат апсолутна вистина.

Јавноста веќе е медиумски едуцирана и знае да вкрсти информации и да извлече заклучоци за тоа што е лажна вест, манипулација, а што вистина. Впрочем, самиот Филипче и неговиот ментор Заев „придонесоа“ во таквата едукација на граѓаните, ширејќи лажни вести од типот дека сме почнале со преговори со ЕУ, како и онаа дека добрососедска Бугарија нема да ги блокира македонските евроинтеграции. Тие, заедно со Ковачевски, успеаја да ја излажат и ЕУ дека ќе обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени и внесување на Бугарите во македонскиот устав.

Во поново време, една од лагите на СДСМ е поврзана со ИПАРД програмата. Филипче и СДСМ со денови пласираа драматични тези дека ИПАРД средствата се блокирани, дека земјоделците остануваат без европска поддршка и дека државата губи милиони евра поради неспособноста на новата власт. Целта беше јасна, да се создаде страв кај земјоделците и нервоза во јавноста. Тоа е „доброто“ старо и испробано сценарио на СДСМ… ако не можеш да понудиш решение, произведи паника.

Но Брисел испрати сосема поинаква порака. Средствата од ИПАРД повторно се ставени на располагање на македонските земјоделци, а по вонредната контрола е утврдено дека немало неправилности во постапките. Брисел вели дека системот функционира. Дополнително, според информациите што беа објавени, има потврда од европските институции дека програмата не е блокирана и дека нејзината реализација продолжува непречено.

Значи, драмата беше лажна!

Брисел никогаш не ги блокираше средствата, но СДСМ свесно ја туркаше таа теза во јавноста. Тоа не беше политичка грешка, туку свесна манипулација. Наместо да ги охрабрат земјоделците, тие решија да ги плашат. Наместо да ја заштитат довербата во институциите, тие одлучија да ја урнат.

Прашањата кои што се наметнуваат се едноставни. Ако знаеле дека ИПАРД не е запрен, тогаш зошто лажеле? А ако не знаеле, тогаш како воопшто претендираат повторно да управуваат со државата со таквото незнаење?

Втората лага е уште потешка, бидејќи се однесува на европската иднина на државата.

Филипче денес зборува за застој во евроинтеграциите, за блокиран европски пат, за антиевропска политика. Глумејќи политички моралист, тој се обидува да се претстави како заштитник на европската перспектива. И токму тука доаѓа најголемиот политички парадокс. Човекот кој денес зборува за блокади, доаѓа од партијата што ја постави најголемата блокада. Токму СДСМ ја договори историската комисија со Бугарија која сега е најголемата скриена кочница на македонскиот пат кон ЕУ.

СДСМ прифати модел во кој минатото и историјата станаа предуслов за иднината. Наместо европски критериуми, добивме историски расправи. Наместо владеење на правото, добивме расправии за учебници, историски личности и настани. Наместо напредок кон Брисел, добивме бесконечно враќање кон вековите наназад.

Ако ова теза не е точна или претставува лажна вест, Филипче може слободно да ја негира и побие со аргументи… ако воопшто ги има. Тоа е нормален начин на дебата во една демократија, а не постојано да се жали како тој самиот е жртва на лаги и политичка пропаганда.

И денес, кога таа историска комисија претставува еден од главните извори на застој и политички притисок, Филипче се однесува како да е случаен набљудувач, а не политички наследник на тие одлуки. Неговиот хендикеп е тоа што јавноста памети. Памети кој зборуваше за „историски договори“. Памети и тоа кој секоја отстапка ја продаваше како државничка победа. Памети кој уверуваше дека националните отстапки всушност се европски инвестиции.

Денес, во реално време гледаме што добивме од таквата „визија“.

Историската комисија не донесе европска сигурност, туку трајна политичка нестабилност. Наместо затворање на спорот, добивме нови условувања. Наместо достоинствен пат кон ЕУ, добивме чувство дека идентитетот станал предмет на преговори.

Истиот политички центар кој го создаде таквиот механизам, сега држи пресконференции за застојот што сами го потпишаа. Повторно го гледаме Филипче како „стои пред новинарите, дава изјави или одговара на прашања. Скоро по правило, со дел од нив дебатира, се расправа и буквално се кара. Негодува за вестите што ги пуштаат во јавноста кои не се по негов вкус“. 

Не може да го создадеш проблемот, а потоа да се претставуваш како аналитичар на „туѓиот“ неуспех. Не може да прифатиш обврски, да им ги натовариш на граѓаните, а потоа да глумиш спасител.

Тоа не е политика! Тоа е политичка амнезија!

Третата лага е можеби најсимболична, приказната за визата на Филипче за Дубаи.

Го гледаме Филипче како постојано дава различни изјави во врска со неговата виза за Дубаи. Со секоја нова изјава ја негира претходната, потценувајќи ја меморијата на јавноста, па дури и снимените материјали кои стојат во медиумските архиви.

Прашањата на неговата виза за Дубаи, како и неговите неконзистетни одговори и изговори не се прашања кои не ја засегаат јавноста. Тие не се обична административна баналност или неважна тема која што може да се отфрли со манипулација или политичка досетка.

Кога јавноста поставува прашања за начинот на добивање, околностите, контактите и интересите поврзани со Дубаи, одговорот мора да биде јасен, прецизен и транспарентен. Ова е задолжително, особено кога станува збор за човек што претендира и сака да се претстави како морална вертикала во политиката.

За жал, наместо јасен и директен одговор, добиваме магла, релативизација и одбрана преку напад. Во случајов не станува збор само за една виза, станува збор за принцип. Станува збор за тоа дали истите луѓе што бараат отчетност од сите други, се подготвени да ја дадат и за себе.

Трите лаги на Филипче не се ни први, ни последни. Тие не се ниту само три. Тие се само илустрација на еден модел на водење на политиката. Тоа е модел кој не нуди решенија, а сопствените промашувања се обидува да ги стави на адреса на политичкиот противник. Тоа е модел кој ги манипулира граѓаните и се обидува да се врати на власт преку стари и излитени фрази. Тоа е модел кој сопствените грешки ги занемарува, но во исто време бара одговорност и најстроги казни за оние кои не се од нивниот политички табор. Тоа е модел во кој вистиномерите и фактчекерите можат да го блокираат и цензурираат само спротивното мислење, а нивните лаги да ги продаваат како единствената вистина.

Поврзани вести