
Македонија припаѓа на европското семејство и сме поблизу до таа цел отколку што мислиме. Сметам дека е потребно малку прагматизам и политичко обединување, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас на конференцијата „30 години на европскиот пат: односите Македонија-ЕУ и патот напред“, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања низ годините, и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема соменвање дека Македонија припаѓа на европското семејство, и всушност сме многу поблзиу отколку што мислиме – рече Рокас.
Според него, она што недостасува во овој момент е малку прагматизам, одлучност и желба да се обединување на политичкиот спектар, со цел, како што рече, да го направите последниот одлучувачки чекор напред.
Но убаво е да се рефлектираме и на историјата бидејќи сметам дека граѓаните понекогаш забораваат како Европската Унија е постојан, близок, партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи, до Охридскиот договор, потоа Пржинскиот договор, но исто така и фактот дека економски сме присутни – 75 отсто од извозот од Македонија оди во ЕУ. Исто така и компнии од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите-членки на ЕУ – нагласи Рокас.
Тој потсети на отворањето на ЕУ програмите како Хоризонт и Еразмус плус, како и други, кои според него, помагаат на граѓаните и кои се враќаат назад во земјата да ги споделат знаењата стекнати во ЕУ.
Потоа тука е и Планот за раст на Западен Балкан, што е многу значајна помош од страна на ЕУ, за возврат треба да се исполнат реформи, тој е во износ од 6 милијарди евра, од кои голем дел одат и за Македонија. Тука се и други програми за финансиска помош кои имаат влијание врз сите сфери од животот, што ќе можат да бидат трансформирачки како што реформите ќе се имплементираат. Но парите не ја купваат љубовта, така што ќе мора да одговориме на аспирациите на граѓаните. Бидејќи и покрај растечкиит број на разочарани граѓани, според најновите анкети на јавното мислење, поголем дел сепак го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ и оти тоа е единствен начин да се оди напред. Ова ни дава чувство на одговорност, бидејќи ние мора да испорачаме – истакна Рокас.
Според него, патот напред за Македонија е веќе одлучен во 2022, што, како што рече, значи дека е постигнат договор, којшто да беше испорачан, земјава ќе беше фронтранер пред која било друга земја-кандидат, особено имајќи го предвид фактот што се уште не преговарате.
Многу значајно е да се почнат преговорите, бидејќи кога ќе почнете да преговарате, тоа го менува моментумот, верувањето дека секој е во линија да ги испорача своите цели. Ако се уште сметате дека има пречка за вашето пристапување, напорите што се прават за тоа да се реши, се бавни, постојат и сомнежи, затоа треба да направиме пробив. Затоа, како и се друго во животот, проширувањето е политичка одлука, како и патот напред исто така е политичка одлука, но би рекол дека треба да сфатиме дека времињата значајно се променија. Живееме во ера кога меѓународниот систем базиран на владеење на правото е уништен и кога долгорочните пријателства се ставени под прашање. Така што нема сомневање дека ЕУ треба да одговори на овие предизвици, ставајќи силен акцент на проширувањето, и нема да дозволиме да има црни дупки на европскиот континент – рече Рокас.
Според него, треба да изградиме доверливи партнерства, но не како ЕУ, туку како Европа во целина.
Во сето ова ние ве гледаме како партнери, пријатели, веруваме дека ние сме вашиот најкредибилен партнер низ годините и покрај разочарувањата, така што ве молам продолжете да верувате во тоа, ние сме тука со вас за да ја надминете последната пречка за да го доближиме членството поблизу до земјава – истакна Рокас.
Претседателот на Дипломатскиот клуб Скопје, амбасадорот Јован Теговски, истакна дека спориот чекор на нашиот напредок кон ЕУ носи ризици – замор од реформи, намалување на јавната доверба и зголемување на скептицизмот, ги зголемува ризиците за одредени наративи и странски влијанија што, според него, не се во линија со европските вредности.

Македонски




