
Министерот за култура, Зоран Љутков синоќа во Брисел се обрати на манифестацијата „Денови на македонска култура во Белгија“. Во продолжение го пренесуваме обраќањето на министерот Љутков во целост.

Вечерва, овде во Брисел, во пријателска Белгија пулсира македонскиот здив. „Деновите на македонската култура“ се отвораат како значајна врата кон нашиот културен свет , свет исполнет со танци, песна, боја и збор што носи длабока вредност. Секој мотив, секое движење, секој тон и секој стих го носат печатот на достоинство, траење и непоколеблив идентитет.
Македонската култура е жива ризница на духот. Таа е светлина во фреските, ехо во каменот и трепет во народната песна. Во неа се запишани радоста и болката, копнежот и гордоста, истрајноста и вербата на многу генерации што создавале, чувале и оставале траен белег.
Драги пријатели,
Македонското Министерство за култура и туризам со голема чест и задоволство ја поддржува оваа манифестација во Белгија. Таквата поддршка само ја потврдува довербата во уметноста како најсилен јазик на меѓусебно почитување и соработка.
Нашата програма е богата и разновидна: Балетот на Националната опера и балет ја отвори сцената во Антверпен со „Лебедово езеро“. Филмската уметност беше претставена во Брисел со „Исцелител“ на режисерот Ставрески, а теракотните икони од „Виничко Кале“ ќе бидат изложени во Европскиот парламент, како силно сведоштво за древноста и трајноста на нашето културно наследство.
Вечерва, музиката го презема зборот. Овде во култниот „Бозар“, Националниот џез оркестар донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа, слободна и смела форма. Во неговите композиции одекнуваат мотиви од народната душа. Секој тон претставува дијалог, секој ритам е чекор напред, а секоја импровизација е доказ за жива и создавачка култура.
Манифестацијата „Деновите на македонската култура“ во Белгија, е многу повеќе од серија културни настани. Таа е вистинско присуство, трајна трага и отворена покана за нови средби и идни соработки. Нека оваа вечер остане како сведоштво за култура што создава, дарува и трае.
Почитувани, денес во мојата земја се одбележува „Денот на македонскиот јазик” и затоа во чест на јазикот што го славиме моето обраќање е на македонски јазик.
Знаете, секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски , јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, горделив, непореклив и непокорен.
Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници. Тој се мери со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Со вербата што ја чува. Со силата што ја изразува. Тој е присутен во секој искрен збор, во секое напишано писмо, во секој стих што го допира срцето.
Да го чуваме. Да го негуваме со внимание и со почит. Да гоговориме со чистота и со гордост. Нека се пренесува како дар, како аманет, како светлина. Во него живее народот. Во него се огледува душата. Во него трае Македонија.

фото: Министерств о за култура

Македонски




