
Премиерот Христијан Мицкоски очекува реализацијата на проектот „Брза пруга“ на Коридор 10 да стартува на почетокот на следната година, откако по завршувањето на физибилити студиите ќе се потпише договор со потенцијален финансиер.
Продолжуваме со реализација на проектот „Брза пруга“ на Коридор 10. Физибилити студијата е веќе при крај, и студијата за влијание врз животнатса средина е исто така при крај, законско времетраење е 270 дена и очекувам летово во јуни-јули да бидат затворени овие прашања затоа што ќе биде потребна и ревизија на тие студии. Откако ќе биде завршено сето тоа, ќе влеземе во процес на потпишување договор за потенцијален финансиер. Министерството за финансии веќе објави повик – имаме необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач и се разбира треба да ги потврдат условите што ги дадоа тогаш и ако биде се како што треба очекувам на почетокот на следната година да почне реализацијата – изјави Мицкоски, на новинарско прашање по присуство на панихида во црквата „Св. Спас“- Скопје по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.
Мицкоски истакна дека продолжуваат и активностите за изградба и модернизација на Коридорот 8, каде во железничкиот дел очекува заокружување на предвидените проекти за пругата до Бугарија и за модернизацијата на пругата од Скопје до Кичево до 2029 година.
Посочи дека на источното крило на Коридор 8 од пругата кон Бугарија, се очекува тендер за избор на изведувач за третата делница и потсети дека веќе е пробиен последниот тунел од втората делница и оти првата делница е веќе во функција. Преговараме со ЕК и веќе се обезбедени пари во рамки на Планот за раст за модернизација на пругата од Скопје до Кичево. Овој проект се реализира со несмалена динамика и очекувам комплетно од Кичево до граница со Бугарија да биде заокружен најдоцна до 2029 година – изјави Мицкоски.

Македонски



