
Притисоците од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски во врска со забрзувањето на членството во ЕУ доведоа до заострување на односите со сојузниците, пишува „Фајненшл тајмс“.
Високи украински функционери на состаноците со претставници на ЕУ и САД го критикуваа начинот на кој Европската комисија го управува процесот на проширување и побараа побрзо темпо.
Тие рекоа дека на Брисел му е потребна Украина во Унијата колку што на Украина ѝ е потребно членство, додека некои европски функционери го оценија таквиот пристап како проблематичен.
„Членството не е подарок“, рече еден од функционерите, оценувајќи дека постои погрешно разбирање на процесот на проширување во Киев.
Други истакнаа дека Украина има „вистински проблем“ во разбирањето како функционира ЕУ и дека барањата на Киев се нереални.
Оттогаш ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за стабилизирање на нејзините финансии и поддршка на нејзината одбрана.
Иако тој договор и неодамнешните состаноци донекаде ги намалија тензиите, сè уште постојат големи разлики околу патот кон членство.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека очекувањата за брз влез на Украина во ЕУ се „нереални“. Тој додаде дека цената на евентуалниот мировен договор би можела да вклучува губење на дел од украинската територија.
На Украина ѝ беше доделен статус на кандидат за членство во 2022 година, но Зеленски инсистира на приклучување до 2027 година.
Земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, предлагаат постепен процес со „симболични“ придобивки и фазен пристап.
Зеленски ги отфрли ваквите предлози и инсистираше исклучиво на полноправно членство, велејќи дека Украина веќе „ја брани Европа“, пренесе „Танјуг“.

Македонски


