
Во Македонија се подготвува нов Закон за заштита и благосостојба на животните, чии одредби предвидуваат доколку некој напушти домашен миленик, трајно да добие забрана да чува нов миленик, објави „Телма“. Предлог законското решение исто така предвидува големо зголемување на глобите за физички лица. Несоодветно чување и шетање куче ќе го „чини“ сопственикот 400 евра, а предизвикување болка, страдање или повреди, мачење и сурово и нехумано однесување и убивање животни ќе се каазнува со глоба од 5 илјади евра.
Намерата со Законот е да се спречи напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и трговија, како и намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците.
Според членот 4 од предлог-законот кој го објави „Телма“, на сопственикот кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува држење на миленици. Се забранува неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици. Се забранува чување на домашен миленик – куче, постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор најмалку еднаш во денот, со цел да се задоволат неговите физиолошки и физички потреби. Се збаранува зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели.
Предлог-законот предвидува и задолжителна стерилизација на домашни кучиња, забрана за продажба и давање на подарок домашни миленици од нерегистрирани одгледувачи, а одгледувачниците пред да го направата тоа ќе мора новите легла да ги пријават кај ветеринар, но и кому ги дале. Една мачка или кучка нема да смее да има повеќе од едно легло годишно.
Членот 66 предвидува регистрираните одгледувачи на куче од денот на влегувањето во сила на овој закон во период од 5 години да немаат право на размножување на нестерилизираните миленици односно да немаат право за репродукција на нови единки.
Се предвидува и формирање на Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, но и сместување кај привремени вдомувачи, со што би се вовел и нов концепт на третман на бездомните животни.
Новото законско решение предвидува и регистрација и на пансиони за миленици, продавници, одгледувачници, а освен инспекторите на АХВ должност да вршат контроли на спроведува на законот ќе имаат и Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори и на градот Скопје, но и МВР.
Според информациите на „Телма“ законското решение изготвено од АХВ, а усогласено со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението Анима Мунди, во рамки на Работната група за стратегија и управување со популацијата на бездомни животни, било проследено до надлежното Министерство за земјоделие на почетокот од април.
Но од Министерството земјоделие на прашањето на Телма кога законското решени ќе влезе во Владина процедура, за потоа испратено во Собрание, одговорија дека до нив такво предлог-законско решение не е стигнато. Од АХВ пак за Телма тврдат дека предлог-законот бил доставен до Министерството на 9 април.

Македонски


