Skip to main content

Љутков: По пауза од една деценија, државата откупи дела што ги избра на конкурс, годинава се поддржани 28 автори и 37 ликовни дела

Министерство за култура и туризам

По речиси една деценија, вечерва од овој простор испраќаме силна порака за поддршка, континуитет и јасна определба дека уметноста мора и треба да има свое заслужено место во нашето општество. Ова го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков во Музејот на современата уметност на отворањето на изложбата на откупени ликовни дела на конкурсот на Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Љутков нагласи дека годинава се поддржани 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупен износ од околу седум милиони денари (6.672.750,00 денари), како израз на определбата да се поттикнува и да се вреднува современото македонско ликовно творештво.

Со вечерашнава изложба повторно воспоставуваат една важна стимулативна мерка – откуп на ликовни дела, која е предвидена во Програмата на Владата, а последен пат беше реализирана во 2016 година. Особено сакам да нагласам дека мерката е вклучена и во новата стратегија на Министерството за култура и туризам, која е во фаза на донесување, со што ја потврдуваме определбата за долгорочна и одржлива културна политика, рече тој.

фото: Министерство за култура и туризам

Во време кога глобалните кризи силно се одразуваат врз културните сфери, како што нагласи министерот за култура, ова претставува јасен исчекор, не само во поддршката на уметничкото творештво, туку и начин да се збогати фондот на уметничките збирки, со што се создава културна вредност што останува трајно, како дел од заедничката меморија и сведоштво за времето во кое живееме.

Затоа оваа изложба не ја гледам само како резултат на конкурс, туку како дел од поширока заложба за континуирана и системска поддршка на уметноста. Откупот на ликовни дела го гледам како силна врска меѓу уметниците, институциите и јавноста. Во таа смисла, особено ја ценам улогата на институциите како Музејот на современата уметност и Националната галерија, кои не само што ја чуваат уметноста, туку и активно ја развиваат и ја доближуваат до јавноста, рече Љутков.

фото: Министерство за култура и туризам

Нашата цел, како што потенцира министерот, е јасна – да изградиме одржлив и динамичен културен систем, во кој уметниците имаат простор да создаваат, институциите да се развиваат, а публиката да има пристап до квалитетна култура.

фото: Министерство за култура и туризам

Им честитам на избраните автори и да изразам благодарност до членовите на Комисијата за нивната стручна и посветена работа, како и до сите уметници кои со своето творештво ја збогатуваат македонската култура. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста не само што го отсликува времето во кое живееме, туку и активно го обликува, истакна министерот за култура, Љутков.

Поврзани вести