
Драмски театар Скопје вечерва и утре гостува на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола (2026). Под мотото „Огледало на вистината“ од 23 до 29 април, фестивалската Битола повторно е на мапата на светска театарска сцена каде што „Еден актер. Една сцена. Една вистина.“ се доволни да се создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации.
Вечерва во официјалната фестивалска програма се игра „Драми на принцезите – Џеки“ на Драмски. Улогата во монодрамата „Џеки“ ја игра Трајанка Илиева – Вељиќ. Претставата е монодрама на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература. Во драмскиот текст „Драми на принцезите“ Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна, историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура. Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба, туку спектакл, историски момент кој ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“. Јелинек ја проблематизира токму таа позиција: жената која мора да биде достоинствена, убава и тивка додека светот ја набљудува нејзината траума.

На утрешното свечено затворање и доделувањето на наградите и наградата гран при на фестивалот, ревијално ќе се игра претставата „Гидионовиот јазол“. Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што веќе трета деценија го следи фестивалот. „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска. Uлогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ. Режисерката Милошевски-Попова истакнува дека претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник.
На претставувањето на програмата на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола, директорот на Центарот за култура – Битола, Сашо Илковски и селекторот на фестивалот Благој Мицевски, најавија дека на годинашниот фестивал публиката ја има можноста да проследи 13 монодрамски претстави од 10 држави: Ерменија, Полска, Литванија, Грузија, Киргистан, Шпанија, Казахстан, САД, Израел и Македонија. Во рамките на програмата беа селектирани три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува и афирмира домашната театарска продукција. Покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот и оваа година понуди и OFF- програма, која вклучува ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“, уличен перформанс „Статуи“ на Широк Сокак, како и неколку тематски работилници.

Македонски



