Skip to main content
Игор Анѓелков, филмски критичар:

Убавината на македонската кинематографија лежи во еклектичноста на гласовите кои ги негува

Агенцијата за филм во рамките на одбележувањето на своето двецениско постоење со подарок за филмофилите- бесплатни проекции на врвни македонски наслови. Секој понеделник „Синеплекс“ стана новото зборно место за сите генерации. Со проекција на „Панкот не е мртов“, „Хомо“,, „Avec L’amour“ и „Господ постои, името и’ е Петрунија“ се направи една ретроспектива на современата македонска кинематографија, а македонскиот филм се врати таму каде што припаѓа- на големото платно.

Филмскиот критичар, Игор Анѓелков по проекциите разговараше со авторите, а овој пат со него ја анализираме важноста на кино-културата и зошто е клучно домашната продукција да комуницира директно со својата публика, значењето на овој проект, но и за состојбата на македонската седма уметност денес…

Во ера на стриминг платформи, колку е важно за македонската публика повторно да ги види домашните остварувања токму на големото платно преку проектот на Агенцијата за филм, во соработка со „Синеплекс“?

Многу ми се допадна иницијативата на сегашното раководство на Агенцијата за филм во текот на една година, во ист термин, да се направи преглед на она што во новиот милениум го сработија македонските филмаџии. Првиот ден по викендот вообичаено е „празен“, градот најчесто нема културна понуда, и тоа е одличен простор за љубителите на филмот во еден постојан термин, од 18 часот, да дојдат онаму каде што се слави седмата уметност, во затемнетата сала на кино храмот, на сребрениот екран, и да погледнат македонски филм со пријателите. Потоа можат да излезат на пијачка и да дискутираат на темите што тој ги отворил, затоа што гледањето на филм означува и момент на социјализација, за разлика од гледањето на филм на стриминг платформите, затворени во сопствената соба.

Понеделник навечер ме потсети на терминот на магазинот „Филмополис“ кој со години се емитуваше на ТВ Телма, и некако природно се надоврзав со поддршка на овој проект. Сметав дека освен проекцијата, добро е да се претстават филмовите на соодветен начин, низ разговор со претставници на филмската екипа, како вовед во она што следи. Со тоа проектот добива на длабочина и значење. Всушност, онака како што се прави на сите светски фестивали. Драго ми е што во тоа е вклучен филмски критичар кој веќе три децении ја следи филмската уметност, активно пишувајќи и проследувајќи ја до публиката магијата на подвижните слики. Филмските критичари се составен дел од индустријата, тие се дел од истата приказна, но за жал, кај нас нештата се малку извртени и најчесто критичарите се оставени настрана, за што постојат разни причини што се таложеле со години.

Сепак, токму ние сме оние првите со кои обичните гледачи се во контакт, често наидувајќи на прашања „каде можат да се погледнат современите македонски филмови“? Затоа што, по нивното кино-прикажување, освен уште пар кинотечни проекции потоа, тие како да стануваат невидливи, а сепак се финансирани од буџетот кој сите ние како граѓани го полниме. Оттаму и потребата македонските филмови да бидат достапни до македонските гледачи. Затоа ова е проект кој е за поздравување и навистина предизвикува внимание во јавноста, создавајќи навика во терминот во понеделник навечер во 18 часот да се биде на едно место во градот – во „Синеплекс“, на македонски филм на големото платно.

Кои се клучните теми што го дефинираат современиот македонски филм и дали успеавме да изградиме препознатлив визуелен јазик пред светската публика?

Доколку прашувате за препознавање на една кинематографија како движење, како нешта по кое ќе станеме препознатливи каде и да се прикажуваат нашите филмови, одговорот е – за жал, не ;-( „Новиот бран“ во францускиот филм во минатиот век, или „романскиот филм“ во поново време, се кодови кои филмофилите оддалеку ги препознаваат како блиски. Но, тоа не мора да биде клучот за успехот на претставниците на една кинематографија.

Македонската кинематографија е мала кинематографија и постојано се бори за свое „место под сонцето“. Нејзината убавина лежи во еклектичноста на гласовите кои ги негува. Разногласието на македонските филмски автори во пристапот кон темите што ги обработува, остава еден фин белег кај проследувачите на седмата уметност. Темите што ги обработуваат македонските автори се релевантни и актуелни, поткрепени со современието и контекстот во кој живееме, и тука лежи клучот за успехот на едно дело – колку тој локален момент ќе успееме да го универзализираме, за да биде препознатлив во секое катче на планетата. Со тоа можеме да се пофалиме спомнувајќи ги „Медена земја“, „Диџеј Ахмет“…

Токму затоа и во едно мое дамнешно интервју, насловот гласеше „Нашиот филм го чекаат зрели времиња“. Тие времиња веќе се случуваат, овде и сега. Нашите филмови освојуваат безброј награди на светските фестивали, но тоа е само „чудо за еден ден“ во домашните медиуми. Затоа фокусот врз македонскиот филм во овој проект на Агенцијата за филм е од суштинско значење, бидејќи создавањето на едно филмско остварување чини многу пари и време од неколку години, од идеја до реализација, а тоа вреди да се потенцира и да му се посвети достојно внимание.

Гледате ли кај новата генерација македонски режисери храброст за експериментирање со филмскиот јазик?

Секој македонски филмаџија си негува свој начин на изразување. Можноста де се сними филм не е честа, па секое дело мора да биде добро осмислено и спакувано. Во таа смисла, македонскиот филм е фин хибрид од веќе искусни имиња и претставници на новата генерација режисери, кои носат нов, свеж здив во филмската уметност кај нас.

Во последнава декада се снимија различни остварувања, шаренило од можности, кои се вистински предизвик за опсервација кај секој филмски критичар. Неретко во тие филмови гледаме обиди за експеримент, за поигрување со филмското време (начинот на кој Милчо Манчевски го направи тоа во „Пред дождот“ пред 30 години и ден-денес е филмска лектира), за рушење на конвенциите и стереотипите во пристапот при раскажувањето на филмската приказна, и тоа вреди да се поздрави. Ми се допаѓа што тоа нејчесто не е „експеримент заради експеримент“, туку си има своја реална позадина во однос на филмското дело што се создава. Тоа знаат да го препознаат селекторите на светските филмски фестивали, и затоа во последниве години веќе стана вообичаено таа храброст како кинематографија да ни донесе место во главните програмски селекции на престижните А-фестивали. Последен случај е новото остварување „Скејтбордингот не е за девојки“ на Дина Дума, кој наесен ќе не’ претставува на „Трибека“ фестивалот во Њујорк.

Каков е предизвикот да се остане објективен критичар, а истовремено да се негува љубовта кон седмата уметност?

Се работи за голем, огромен предизвик, затоа што неретко филмаџиите забораваат да ве поканат на следната премиера доколку претходно сте напишале „негативна“ критика за нивното дело! Ние сме мала средина и вообичаено критиката, не само филмската, е детерминирана од меѓучовечките односи. Но со тоа трпи објективноста во пристапот. Навистина немам намера некому да наштетам, не сум таков човек, туку едноставно сакам да го согледам филмското дело од еден искуствен ракурс, бидејќи одамна ја следам седмата уметност и се надевам дека можам да ги согледам нештата од аспект кој нема да биде обременет од тоа дали со некого сме добри пријатели или не. Мораме да ја задржиме професионалноста, колку и таа да чини изгубени нерви. Се надевам дека читателите тоа знаат да го препознаат, продолжувајќи и понатаму да ги читааат моите осврти и рецензии на „herojnaedenden.mk“.

Вашата кватрологија филмски есеи е редок пример за публицистика кај нас. Што Ве мотивираше да ги соберете филмските осврти во трајна книжевна форма?

Првата книга со филмска есеистика „Филм.мкд“ настана по периодот на завршување на „Филмополис“ (рез не по моја вина!), како сублимирање на искуството со македонскиот филм кој долго го следев, претставувајќи го пред македонската телевизиска публика низ интервјуа, осврти, први клапи… Книгата, велат, заслужено ми ја донела и државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Потоа природно се случија и останатите три книги, „Филмски град“, „Филмотопија“ и „Филмско око“, бидејќи ревносно продолжив да ги следам случувањата на македонската, европската и светската филмска сцена, навремено пренесувајќи ги информациите до филмофилите. Сметав дека таквиот ангажман треба да остане трајно вкотвен во „хард копи“ изданијата, а не да лебди само во виртуелниот простор, кој се покажа фрагилен, затоа што доколку одреден медиум престане да постои, тогаш може да исчезне и целата негова архива. Не сакајќи тоа да се случи, решив текстовите да ги вкоричам во четирите симпатични изданија кои деновиве наидуваат на добар интерес кај младите на саемот на книгата во Скопје, оние кои имаат желба да бидат идните филмаџии или промислувачи на филмската уметност. Си велам, ако успеам да натерам барем едно младо момче или девојка да „загриза“ читајќи ги книгите, сум завршил голема работа, и навистина ќе ми биде чест да пишувам и за неговите/нејзините филмови во иднина.

Како член на меѓународното здружение на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, како изгледа македонскиот филм кога се набљудува низ очите на светската фестивалска критика?

Најстарото здружение на филмски критичари во светот, кое лани прослави сто години постоење, ми овозможува да бидам член на ФИПРЕСЦИ жиријата на угледните европски фестивали, каде со колегите ја следиме актуелната продукција, и потоа се одлучуваме за најдобриот. Мојот следен ангажман е веќе на 7 мај, на фестивалот на креативна документаристика во Варшава.

Во слободното време, кога се дружиме, можам да го почувствувам пулсот на колегите за случувањата во филмската уметност генерално, бидејќи секој доаѓа со различен бекграунд и афинитети. Се разбира, притоа секогаш се наоѓа простор за коментирање и на делата од националните кинематографии. Колегите неретко се осврнуваат на одредени македонски филмови што им оставиле впечаток, што на мене многу ми е драго. Филмскиот критичар, исто како и филмаџиите, е рамноправен репрезент на домашната кинематографија на странските фестивали, и тој мора да се бори за нејзината видливост. Драго ми е што и јас, со години наназад, сум скромен дел од таа приказна.  

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести