Skip to main content
Наставничка во пензија со силна порака по новите случаи на врсничко насилство: Револуција на свеста е неопходна

На Инстаграм принцези, на улица џелати – кој го преспа воспитувањето?!

Насилното дете не се раѓа преку ноќ. Тоа е процес на долготрајно емотивно запоставување или погрешно насочување
Креирано со помош на AI

По вознемирувачкиот случај на врсничко насилство во скопско Ѓорче Петров, каде ученичка била горена со цигари, а сето тоа било снимано со мобилен телефон, со силна реакција во јавноста се огласи наставничката во пензија и поранешна директорка на две училишта, Наде Молеровиќ.

Таа во својот статус порачува дека ваквите сцени не се само изолиран инцидент, туку сериозен аларм за состојбата во општеството.



„Неодамнешните слики на насилство меѓу девојчиња не се само инцидент. Тие се аларм кој вреска: Каде бевте вие, возрасните?“, пишува Молеровиќ.



Според неа, одговорноста за ваквото однесување не може да се бара само кај децата, туку пред сè кај родителите и воспитниот систем.



„Насилното дете не се раѓа преку ноќ. Тоа е процес на долготрајно емотивно запоставување или погрешно насочување“, наведува таа.



Во објавата остро ги критикува родителите кои, како што вели, се физички присутни, но емотивно отсутни, како и оние што со подароци и материјални работи ја прикриваат сопствената вина за недоволното внимание кон децата.



„Ако твоето дете дома те слуша како ги газиш колегите, како се потсмеваш на послабите или како ја користиш моќта за да ги понижиш другите – ти тренираш насилник“, пишува таа.



Молеровиќ упатува критика и до наставниците, посочувајќи дека во училницата секогаш се гледа кој ученик страда, кој е изолиран и кој живее во страв.


„Кога наставникот молчи пред навредата, тој му дава дозвола на насилникот. Молчењето е одобрување“, потенцира таа.


Особено загрижувачки, според неа, е фактот што дел од децата наместо да помогнат – снимаат со телефон.


„Ако твојата ќерка е меѓу тие што стојат настрана и снимаат додека некој е тепан – ти не си успеал. Ако твојата ќерка е таа што удира – ти си грешел“, пишува во статусот.


На крајот, таа апелира до родителите да се разбудат навреме и да бидат вистински присутни во животот на своите деца.


„Не дозволувајте вашето скролање на телефон да биде причината за нечија траума. Карактерот не се гради на Инстаграм, туку дома, каде што се учи дека вистинската сила е во тоа да заштитиш, а не да повредуваш“, порачува Молеровиќ.


Нејзината порака доаѓа во момент кога јавноста бара посериозни мерки против врсничкото насилство и поголема одговорност од сите вклучени во воспитувањето на младите.

Поврзани вести